21/11/2024
Македонија

Министерството за одбрана и Факултетот за електротехника и информациски технологии потпишаа Меморандум за соработка

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Ташковски денеска потпишаа Меморандум за соработка на двете институции. Соработката има за цел искористување на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и други услови во функција на унапредување на научните технологии кои се од взаемен интерес на Министерството и на факултетот.

„Нашиот мотив како Влада и Министерство за одбрана, е да се трудиме да направиме подобра соработка со сите наши високо-образовни институции. Македонија е мала земја и своите капацитети и своето знаење и својата експертиза мора да си ја чува и паметно да ја користи“, изјави министерката Шекеринска. Таа додаде дека како земја која доби покана за членство во НАТО, следи кус, но интензивен период на промени и во одбранбениот и во политичките сектори, период во кој ни се потребни најпаметните, најискусните, оние кои што ја имаат експертизата да го пренесат своето знаење на следните генерации.

„Министерството ќе стипендира студенти на ФЕИТ во последните години, со кои се надеваме дека ќе ги убедиме да останат не само во државата, туку и да помагаат во секторот одбрана кој што бара навистина многу сериозни, многу специфични и многу високо-експертски знаења во оваа област. Факултетот од друга страна се обврза за вработени во Министерството да обезбедува стипендии за постдипломски студии“, информираше министерката и истакна дека Меморандумот ќе биде од корист за двете институции, но најголемиот корисник ќе биде Република Македонија каде вистински луѓе ќе работат на вистински места и ќе можат да го пренесат своето знаење и да ги засилат институциите.

Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Ташковски рече дека потпишувањето на Меморандумот за соработка со Министерството за одбрана означува ера на продлабочена соработка. „Нам посебно ни е чест и задоволство што главниот иницијатор за оваа соработка е Министерството за одбрана. Ќе соработуваме во неколку сегменти како што е доедукација на вработените, работа на проекти, дефинирање на студиски програми, консултантски услуги, така што ова ќе биде една плодна и успешна соработка“, рече Ташковски.