26/12/2024
Македонија

Анѓушев и Бектеши: Започна постапка за избор на универзален снабдувач, моделот гарантира стабилност на снабдувањето и цените до 2025 година

Денес на електронскиот систем за јавни набавки објавен е јавниот оглас и тендерската документација за избор на универзален снабдувач со електрична енергија, а на истиот заинтересираните компании ќе може да аплицираат до 3 декември 2018 година, соопштија вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција во Владата.

Вицепремиерот Анѓушев изјави дека на овој јавен оглас право за аплицирање имаат сите компании кои имаат лиценца за снабдување со електрична енергија, 28 во моментов, кои би можеле да соработуваат и со странски компании за да аплицираат на повикот.

„Дополнителни критериуми кои компаниите треба да ги исполнат е да прикажат работен капитал од 20 милиони евра, да имаат искуство во дејноста, да располагаат со систем за фактурирање и наплата, а еден од главните услови за избор е и маржата која компаниите ќе ја прикажат во понудата. Тој кој ќе прикаже најмала маржа и ги исполнува другите основни критериуми ќе биде избран како универзален снабдувач на електрична енергија“, нагласи Анѓушев.

Со универзалниот снабдувач се обезбедува стабилност во снабдувањето со електрична енергија и се намалуваат ризиците од ценовни шокови за крајните корисници. Универзалниот снабдувач ќе биде избран за период од 5 години, а на овој  начин се граѓаните се заштитуваат од ценовни шокови до 2025 година.

„Со стариот Закон за енергетика, крајните корисници беа заштитени од ценовни шокови до 2020 година, сега со донесувањето на новиот Закон и воведувањето на универзален снабдувач, стабилноста во снабдувањето и цените за истите ќе бидат обезбедени до 2025 година. Владата преку домаќинското работење на ЕЛЕМ ќе го обезбеди ова, односно ЕЛЕМ е задолжен да понуди 80% од своето производство за потребите на универзалниот снабдувач во 2019 година, секоја година понудената количина ќе се намалува, што значи дека во 2025 година 30% од своето производството ЕЛЕМ ќе има обврска да понуди за потребите на универзалниот снабдувач“, појасни Анѓушев.

Министерот за економија Крешник Бектеши потенцираше дека со новиот Закон за енергетика за првпат се дава можност на микро, малите и средни компании, односно компаниите кои се сметаат за помали тарифни потрошувачи, да излезат на слободниот пазар за електрична енергија и на тој начин да ги намалат своите фиксни трошоци.

„Со воведување на новиот Закон за енергетика се добива повисока конкурентност, односно сега може да очекуваме компаниите кои се занимаат со снабдување со електрична енергија да се борат за нови клиенти, што е во интерес на потрошувачите. За снабдување на домаќинствата, во моментов, доволно е од 40%-50% од вкупното производство на државните електрани. Всушност преку домаќинското работење на ЕЛЕМ, каде државата ја дефинира цената за производство на електрична енергија, до 2025 година им се гарантираме сигурност на сите кои ќе ги користат услугите на универзалниот снабдувач“, посочи Бектеши.

Изборот на универзален снабдувач ќе се одвива преку електронска аукција, се очекува да биде избран до крајот на 2018 година, а да започне со работа веќе во март 2019 година, согласно законски пропишаните рокови.