30/11/2024
Македонија

Бајрактар и Шкријељ: За најранливите олеснет влез во системот на социјална заштита

Ударот на пандемијата што не завршува во здравствениот систем, доаѓа во системот на социјална заштита. Затоа мерките со кои се помага на ранливите граѓани и домаќинства во кризата што ја предизвика КОВИД-19 се клучни, зашто од една страна ги ублажуваат последиците врз оние наши сограѓани кои останале без приходи а од друга страна  овозможуваат подоцна државата полесно да го мине процесот на економско заздравување. Ова го посочи заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар на денешната прес-конференција, на која заедно со дополнителната заменик министерка, Санела Шкријељ говореа за прилагодувањето на системот на социјална заштита за брз одговор во услови на здравствено- економска криза.
 

„Здравствено-економската криза покажа дека реформите што ги направивме изминатите две и пол години, беа добро обмислени и оптимално реализирани, согласно нашите услови. Реформата на системот на социјална заштита што оваа Влада и Министерството за труд и социјална политика ја правеа во изминатиот период, ни помогна сега соодветно да одговориме на предизвиците.  Зголемената социјална помош што корисниците ја добиваат како гарантирана минимална помош, детскиот и образовниот додаток, социјалната пензија и сите други видови на социјална помош, не само што и во оваа тешка економска состојба редовно се исплатува, туку е зајакнатa со мерките кои го олеснуваат пристапот до правата за парична помош“, рече Бајрактар.

Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита за месец април. Заклучно со четврток, целосно ќе биде исплатена гарантирана минимална помош а со последните измени и релаксирање на системот на социјална заштита, овие домаќинства добиваат и 1.000 денари месечно енергетски додаток и во месеците април-септември,  и бидејќи грејната сезона се смета од октомври, практично, овие домаќинства цела година ќе го добиваат енергетскиот додаток.

Заменик министерот Бајрактар посочи дека во центрите за социјална работа, од моментот на носење на уредбата со која се овозможи брз влез во системот на социјална заштита, од 3-ти април, пристигнати се околу 2.000 нови барања за гарантирана минимална помош кои се решаваат тековно, согласно податоците кои ги добиваме од другите институции како УЈП, МВР и другите.

Им помагаме на ранливите, се грижиме за сите и никој не е заборавен и изоставен, рече дополнителната заменик министерка Шкријељ, додавајќи дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика донесоа сет мерки за релаксирање на критериумите врз основа на кои може да се користи гарантирана минимална помош и со тоа е олеснет влезот во системот за социјална заштита.

Со новите мерки, се утврдува материјалната необезбеденост врз основа на приходите на сите членови на домаќинството во последниот месец , наместо во претходните три месеци. Ваквиот начин на утврдување материјална необезбеденост се предвидува да важи во периодот април-декември 2020. Дополнително, се овозможи право на гарантирана минимална помош да може да остварат и оние кои  се избришани од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување  или на кои работниот однос им престанал спогодбено, по барање или со отказ. Се олеснија и поединечните критериуми за остварување на правото на ГМП, кои досега се појавуваа како најчести причини за неможност за остварување на ова право. Доколку домаќинството поседува возило постаро од 5 години, земјиште со површина не поголема од 500 м2 освен земјиштето на кое се наоѓа објектот каде корисникот живее, тоа нема да биде пречка за да има право на гарантирана минимална помош.

„За да ги заштитиме корисниците на надоместок заради попреченост и надоместок за помош и нега од друго лице, оние на кои конзилијарното мислење им истекува додека трае вонредната состојба, ќе продолжат да го користат надоместокот без посета на Комисијата и издавање на конзилијарно мислење. Исто така, центрите ќе одлучуваат за правото на гарантирана минимална помош само врз основа на доставената документација од подносителот на барањето и обезбедената документација по службена должност, а увидот во домаќинството ќе се изврши во рок од два месеци  по престанокот на траењето на вонредната состојба“, нагласи Шкријељ.

И правото на посебен додаток продолжува да се исплатува врз основа на претходно издадени наоди, за време на траењето на вонредната состојба. Правото на образовен додаток кој се исплаќа за деца од семејства корисници на ГМП и други семејства во ризик кои редовно посетуваат настава, продолжува да се користи и исплаќа без оглед на прекинот на наставата, како дополнителна поддршка на децата од најранливите семејства.

Шкријељ најави дека системот на социјална заштита ќе продолжи да се прилагодува за доброто на сите граѓани, пред се за најранливите.