Бектеши на Петтата македонска туристичка берза: Заеднички да работиме по завршување на кризата со пандемијата да го вратиме туризмот во нормала
Туризмот е една од најпогодените индустрии од пандемијата, а заедничката цел и наша и на туристичко-угостителскиот сектор е оваа криза што побрзо да заврши и да се вратиме во нормала.
Ова го порача министерот за економија, Крешник Бектеши во своето обраќање на Петтата туристичка берза организирана од страна на Националната асоцијација за дојдовен туризам-НАИТМ.
,,Република Северна Македонија е една од земјите која го смета туризмот како приоритетен економски сектор благодарение на природните ресурси и културно – историските споменици, кои привлекуваат многу домашни и странски туристи. Владата на Република Северна Македонија веќе презеде низа активности во сите пет пакети на мерки кои што досега ги објавивме, се со цел во овие тешки времиња да се помогне на туристичката индустрија и да се зачуваат работните места. Токму овој сектор беше и најмногу поддржан и опфатен во сите пет сета мерки. Сакам да испратам порака дека и како министер за економија и како Влада ја следиме ситуацијата и ќе бидеме со овој сектор се до надминување на оваа криза. Токму од овие причини ги охрабрувам сите чинители да продолжат со активности за опоравување од кризата и позитивно заедно да настапиме со надеж дека оваа година ќе почнеме да ги враќаме клиентите кај туристичките работници“ кажа министерот Бектеши во своето обраќање.
На настанот беше присутна и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер. Таа истакна дека и покрај КОВИД-19 кризата, голем е ентузијазмот за напредок на туристичката индустрија, како и дека со промоција на секторот ќе ја задржиме државава на светската мапа за туризам.
,,Веруваме дека потенцијалот на туристичкиот сектор во Македонија се уште не е доволно искористен. Во текот на изминатите шест години соработувавме со тур-оператори, јавни институции и организации за деловна поддршка за натамошно подобрување на понудата, создавање поддржувачки еко-систем за туризам и подобро промовирање на Македонија како туристичка дестинација“, рече амбасадорката Зутер.
Претседелот на НАИТМ, Влатко Сулев во своето излагање потенцираше дека Петтата Македонска туристичка берза е многу важна одлука затоа што отворањето на границите е се поблиску и туристите веќе ги планираат своите одмори.
Туристичката берза веќе традиционално ги собира сите чинители од туризмот со иста цел – предизвици за развој на туризмот и дигитализацијата, а предвидена е и конференција за одржлив туризам.
Овогодинешното мото на Берзата е ,,Сите сме дел од истата приказна”, кое ја покажува и општата цел на настанот, а се однесува на зголемувањето на свеста за важноста на туризам во нашата држава