26/11/2024
Македонија

Бектеши на средба со туристичко- угостителскиот сектор: Директно ќе ги поддржиме угостителите и туристичките работници со 7,5 милиони евра

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска одржа работен состанок со претставници на туристичко-угостителскиот сектор.

На состанокот министерот ја презентираше Програмата за финансиска поддршка на туристичко-угостителскиот сектор која што беше усвоена од Владата, во која се предвидени мерки за поддршка на овој сектор опфатени со четвртиот сет на мерки за ревитализирање на економијата во услови на COVID-19.

Министерот информираше дека со четвртиот сет мерки со директна финансиска поддршка преку директни грантови се опфатени рестораните, игротеките, лиценцираните туристички агенции и туристички водичи. А исто така е предвидено и враќање на туристичката такса за 2019 година за туристичките објекти.

„На почетокот на следната недела Министерството за економија ќе објави пет јавни повици кои кои што произлегуваат од овие пет мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, а се предвидени во Четвртиот сет на мерки кои што ги донесе Владата. Сите туристички агенции, игротеки, туристички водичи, ресторани кои што организираат свадби и други правни лица од угостителскиот сектор кои што се опфатени со мерките ќе може електронски да аплицираат на платформата “Дома си е дома“ до крајот на месецот. Министерството за економија ќе ги обработува апликациите веднаш по нивното пристигнување, со цел за побрза и навремена исплата на средствата. Целта на овие мерки е преку директна финансиска поддршка да им помогнеме на сите туристички работници и угостители кои што како резултат на пандемијата имаа најголеми загуби“ информираше министерот Бектеши на состанокот.

Вкупната вредност на финансиската поддршка за сите пет мерки, како што информираше министерот изнесува 459.650.000 денари или 7,5 милиони евра, а овие средства ќе се исплатат директно до туристичко-угостителскиот сектор до крајот на годината, односно мерката ќе се реализира во периодот ноември и декември.

„За мерката-грантови за ресторани се предвидени 60.000.000 денари, за грантови за игротеки се предвидени 153.000.000 денари, за грантови за лиценцирани туристички агенции се предвидени 116.850.000 денари, за грантови за туристички водичи 9.800.000 денари, додека за мерката поврат на уплатена туристичка такса за 2019 година се предвидени средства во висина од 120.000.000 денари“, информираше министерот.