27/11/2024
Македонија

Бектеши: Објавени три јавни повици за субвенции за микро и мали компании, жени претприемачи и занаетчии

Министерството за економија објави три јавни повици во рамки на Програмата за конкурентност и иновации и претприемништво (КИП) за 2021 година наменети за поддршка на домашните компании. Објавени се јавните повици за субвенционирање на микро и мали претпријатија, за финансиска поддршка на женско претприемништво и за субвенционирање на занаетчии, информираше денеска на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што кажа министерот, трите јавни повици се објавени пред десетина дена, а сите заинтересирани компании имаат рок да аплицираат до 16-ти, односно до 30-ти април и да ја искористат финансиската поддршка од Министерството за економија.

„Со јавниот повик за субвенционирање на микро и мали претпријатија е предвидена финансиска поддршка за субвенционирање на 50% од докажаните трошоци за набавка на машини и алати и за набавка и инсталација на фотоволтаични панели – затворен систем, за производство на електрична енергија за сопствени потреби на претпријатието со моќност над 5 kW. За оваа мерка се предвидени вкупно 30,7 милиони денари од буџетот на Министерството за економија, а  финансиската поддршка по еден апликант е најмногу 400.000 денари. Доколку фирмата е управувана или основана од жена, тогаш субвенцијата се зголемува за 10%. Субвенционирани ќе бидат трошоците направени во 2020 и 2021 година, потенцираше Бектеши.

Со јавниот повик за субвенции за поддршка на женско претприемништво како што информираше министерот  предвидена е финансиска поддршка за кофинансирање на 80% на трошоците на компании кои се 50% во сопственост или управувани од жени за набавка на опрема и алати, уредување/подобрување на деловниот простор и воведување на софтверски решенија.

„За оваа мерка во рамки на Буџетот на Министерството за економија се предвидени вкупно 4 милиони денари, а максималниот износ на поддршка по апликант е не повеќе 150.000 денари, освен кај трошоците за воведување на софтверски решенија каде што финансиската поддршка е најмногу 60.000 денари. Исто и кај оваа мерка субвенционирани ќе бидат трошоците направени во текот на 2020 и 2021 година. Крајниот рок за аплицирање е 30.04.2021 година, кажа Бектеши.
Како што информираше министерот со јавниот повик за субвенции за занаетчии е предвидена финансиска поддршка за покривање на 60% од трошоците на занаетчиите за набавка на опрема и алати како и уредување, односно подобрување на деловниот простор. Максималниот износ на поддршка за еден апликант изнесува 120.000 денари за трошоци направени во 2020 и 2021 година.

Од Буџетот на Министерството за економија за субвенции за поддршка на занаетчиите се предвидени вкупно 6 милиони денари. Крајниот рок за аплицирање и за овој јавен повик е 30.04.2021 година.

“Оваа година за прв пат за распределба на средствата предвидени во јавните повици од КИП програмата ќе се применува начелото за рамномерен регионален развој. Тоа значи дека средствата ќе се распределуваат според развиеноста на планските региони во државата. Според ова правило најголем дел од средствата предвидени во секој јавен повик  ќе се поделат во најмалку развиените региони, а најмал дел од средствата ќе бидат во најмногу развиените региони, кажа Бектеши.
Според него, согласно Класификацијата на планските региони според степенот на развиеност во периодот од 2018 до 2023 за Североисточниот регион кој е најмалку развиен ќе бидат распределени 17,3% од финансиската поддршка. За Вардарскиот регион 14,7%, за Југозападен 13,3%, за Полошки регион 13,2%, за Пелагониски регион 11,9%, за Источниот 11,3% од финансиската поддршка, додека за Југоисточниот 11,1% и за Скопскиот кој е најразвиен ќе бидат распределени 7,2% од финансиската поддршка  од вкупно предвидените средства од секој јавен повик посебно.

„Распределбата на средствата во рамки на секој плански регион  согласно принципот „прв дојден, прв услужен“  ќе се применува за апликантите од ист плански регион. Доколку вкупно распределените средства во одреден плански регион наменети за субвенционирање на претпријатија/апликанти од тој регион не се искористат, истите ќе се доискористат за субвенционирање на апликантите во плански региони каде што има апликации. Распределбата на овие средства ќе се прави исто така според развиеност на планските региони“ заклучи министерот Бектеши.