21/12/2024
Македонија

Бектеши: Република Северна Македонија – силен поддржувач на отворена трговија, глобален економски раст и владеење на правото на трговија со стоки и услуги

Делегација предводена од министерот за економија Крешник Бектеши во која има претставници од десет институции денеска е во Женева на Втората ревизија на трговската политика на Република Северна Македонија.

Министерот Бектеши пред присутните делегации на земјите членки го бранеше напредокот на државата во изминатите шест години откако е направена Првата ревизија на трговската политика на Република Северна Македонија.

Презентирајќи ги главните постигнувања на земјата, министерот во својот говор истакна дека земјата е голем поддржувач на мултилатералниот трговски систем базиран на правила кои придонесуваат за промовирање на отворена трговија, глобален економски раст и владеење на правото на трговија со стоки и услуги, во согласност со обврските на СТО. Бектеши нотираше дека за почитување е напредокот кој што е произлегува од Единаесетта министерска конференција на СТО, признавајќи ја потребата да се задржи чекор со развојот на глобалната економија, а Република Северна Македонија која е ко-спонзор на иницијативите ќе продолжи да работи на развојот на е-трговија и домашна регулација за услугите, подобрување на родова рамноправност, како и неформалната Работна група за микро, мали и средни претпријатија.

Своето обраќање министерот го искористи да порача дека Република Северна Македонија како мала земја, превзема силни чекори за вклучување во Плуратералниот договор за јавни набавки. Тој ги информираше присутните дискутанти дека процесот за пристап на земјата во овој договор е веќе започнат, интензивно се работи на иницијалната понуда од февруари минатата година, а Владата е целосно посветена и дава поддршка на експертскиот тим за да ги заврши успешно преговорите.

„Нашата неодамнешна цел е нашето пристапување кон Плуратералниот договор за јавни набавки, откако аплициравме во март 2017 година и во февруари 2018 година доставивме почетна понуда за пристап до пазарот. Сега понудата е предмет на дискусија на состаноците на секој комитет оттогаш. Ја прифаќаме задачата да ги забрзаме нашите преговори за да се приклучиме на Плуратералниот договор за јавни набавки и да бидеме подготвени да ја поднесеме конечната понуда за пристап на пазарот што е можно поскоро, со намера да ги затвориме преговорите за пристап до крајот на 2019 година“, истакна Бектеши.

Накратко Бектеши ја елаборираше економската политика на државата преку своите структурни документи, пред сѐ Планот за економски реформи 2019-2021 кој е во согласност со Програмата на Владата 2017-2020, каде посебен акцент е ставен на реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, индустриски сектор, услуги секторот, деловното опкружување и намалување на неформалната економија, реформите поврзани со трговијата, образованието и пазарот на трудот, со цел да се подобри економската состојба во Северна Македонија.

„Економската политика на Северна Македонија е постојано фокусирана на подобрување на деловното опкружување, поддршка на иновациите и претприемништвото и привлекување на странски инвеститори, како главни промотори на економскиот раст. Напорите во подобрувањето на општата инвестициска клима и нејзината стабилност и предвидливост со цел да се привлечат повисоки нивоа на домашни и странски инвестиции овозможија ‘Дуинг бизнис’ на Светската банка да нѐ рангира на 11-то место во 2018 и на 10-то место во 2019 година. Според ММФ и Светската банка постојат ризици за фискална одржливост кои што се насобраа со текот на времето во однос на високите потреби за бруто финансирање и составот на јавниот долг, поради што Владата во 2018 година започна да ги спроведува мерките за постигнување на постепена фискална консолидација. Во буџетот од 2019 година се воведува втората стапка на персонален данок на приход од 18% (од 10%), зголемен е прагот за ослободување од данок и рамната даночна стапка на капиталните приходи од 10 до 15%. Се очекува овие мерки да имаат нето позитивно влијание врз фискалниот биланс за 0,2% од БДП во 2019 година“, истакна Бектеши.

Сите овие политики, како што објасни министерот, имаат строга поврзаност со Планот за економски раст на Владата, во кој Бектеши ги презентираше трите столба кои содржат мерки за зголемување на инвестициите, конкурентноста и иновативноста преку директна поддршка на бизнисот.

„Планот за економски раст содржи мерки за зголемување на инвестициите и конкурентноста на економијата на Северна Македонија, поделени во три столба, кои даваат можности на приватните субјекти да користат директна поддршка од Владата. Еден столб е имплементиран од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, преку кој се развиваат четири вида инструменти за кофинансиска поддршка: грантови за новоосновани претпријатија, грантови и условни заеми за комерцијализација на иновации, грантови за проширување на технологијата, за подобрување на иновативни, напредни технологии, know-how и технолошки процес, грантови за основање на акцелератори“, рече министерот за економија.

Бектеши информираше Република Северна Македонија е договорна страна на пет договори за слободна трговија. Има склучено договори со земјите-членки на ЕУ, земјите на ЕФТА, страните на ЦЕФТА и два билатерални договора со Турција и Украина, кои обезбедуваат многу висока либерализација на трговијата со стоки, регионална соработка и подлабока интеграција во европските економски и политички процеси. Го нотираше и напредокот постигнат во енергетскиот сектор преку новиот Закон за енергетика, кој во целост е усогласен со европското законодавство, како и во транспортот, јавните набавки, земјоделството и другите сектори.

Пред почетокот на презентацијата на Ревизијата на трговската политика, министерот Бектеши оствари средба со постојаниот претставник на Норвешка во СТО и Европскатасоцијација за слободна трговија (ЕФТА), амбасадорот Дагфин Сорли кој е дискутант на Република Северна Македонија и му се заблагодари за личниот ангажман и поддршката за државата во целиот процес.

Министерот Бектеши го информираше за последните реформи кои се направени во изминатите две години, пред сѐ во делот на енергетиката, како и за силната поддршка која што Владата ја дава на домашните и странските компании за подобрување на условите за водење на бизнис во земјата.

Министерот посочи дека земјата влезе во нова фаза за трансформација на економијата пред сѐ во делот на интеграција во регионалната и светската економија како резултат на склучувањето на Преспанскиот договор со Грција минатата година, со промена на уставното име на земјата, што значеше решение на деценискиот спор меѓу двете земји.

Како резултат на тоа, според Бектеши, до крајот на годината се очекува Република Северна Македонија да стане полноправна членка на НАТО, а очекувањата од спроведените реформи се дека во октомври земјата ќе добие и датум за почеток на преговорите со Европската Унија.

Бектеши и Сорли се согласија дека во изминатите шест години Република Северна Македонија има остварено напредок во усогласувањето на законската регулатива согласно правилата на Светската трговска организација (СТО).

На Втората Ревизија на трговската политика на Македонија во СТО има претставници и од Министерството за транспорт и врски, Министерството за земједелство, шумарство и водостопанство, Министерството за култура, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Бирото за јавни набавки, Фондот за иновации и технолошки развој, Дирекцијата за слободни економски зони, Царинската управа, Агенцијата за храна и ветеринарство и други.