30/11/2024
Македонија

Битиќи: Продолжуваме со силна поддршка на домашната економија, во 2021 година исплатени се 48,5 милиони евра државна помош на компаниите

Почитувани граѓани, стопанственици, претставници на медиумите,
 
Во пресрет на ново годинешните празници и заокружување на календарската 2021 година, ќе ми дозволите на оваа прес конференција да направам една ретроспектива и да ги презентирам неколкуте поважни програми на Владата и другите органи на државната управа со кои, во оваа полна со предизвици година, успеавме да го поддржиме домашното стопанство и на тој начин да придонесеме кон побрзо закрепнување на економијата од последиците на КОВИД кризата, но и да овозможиме услови за понатамошен побрз и одржлив економски раст и развој.
 
Во моето излагање, ќе се задржам на три главни аспекти, а тоа се поддршката преку Планот за економски раст, односно мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции и инструментите на Фондот за иновации и технолошки развој, како и на поддршката на компаниите која ја овозможува Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, сите тие во согласност со Законот за контрола на државна помош.
 
Би сакал да истакнам дека во оваа година, кон стопанството, во форма на директна државна помош, од страна на буџетот, преку Законот за контрола на државна помош од Владата и од ДТИРЗ се исплатени 19,5 милиони евра, преку инструментите на ФИТР исплатени се вкупно 16 милиони евра, додека за мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции исплатени се 13 милиони евра. Вкупно преку овие мерки за поддршка, само во 2021 година, македонското стопанство е подржано со 48,5 милиони евра. Да посочам дека само овие денови кон стопанството се вбризгани 16,8 милиони евра.

 
Сега би сакал да се задржам на договорите по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кои се дел од портфолиото на мојот Кабинет. Преку овој Закон во изминатите четири години, колку што се спроведува оваа мерка, склучени се договори за поддршка со 353 компании.
Оваа година пристигнаа барања за исплати од 225 компании, пришто е исплатена поддршка од 800 милиони денари или околу 13 милиони евра.
 
Овие компании, само во 2020 година, која да не заборавиме е пандемиска година, имаат реализирано инвестиции од над 70 милиони евра. И во оваа, како и во претходната година, кон компаниите државната помош ќе биде исплатена 100%.
  
Претходно годинава беа направени измени во Законот, со кои, преку воведените афирмативни мерки, компаниите добиваат дополнителен стимул за рамномерен регионален развој, односно, поголем процент на поддршка добиваат оние компании кои имаат инвестирано во помалку развиените плански региони. Само за рамномерен регионален развој, оваа година компаниите ќе добијат поддршка во вкупен износ од 91,6 милиони денари, односно 1,5 милиони евра што изнесува 11,5 % од вкупната исплатена поддршка.
  
Сите овие горенаведени форми на поддршка се уште еден силен доказ дека оваа Влада, како ниедна претходна, е посветена за поддршка на стопанството во насока на рамномерен регионален и забрзан технолошки развој, внесување на иновации и дигитализирање на процесите, што придонесува за поголема продуктивност и конкурентност на компаниите на домашниот и на меѓународните пазари.
 
Почитувани граѓани,
 
Изминатите четири и пол години, покажавме како се води грижа за стопанството, како се води грижа за компаниите. Не трошевме големи средства за непрoдуктивни трошоци, наместо тоа, се фокусиравме на тоа како да ги стимулираме компаниите да се прошируваат и да се надоградуваат, да го фатат чекорот со современите економски текови.
 
Ги избришавме разликите помеѓу домашни и странски компании, денес сите компании кои работаат во нашата земја се наши, домашни компании, со исти услови и можности да добијат поддршка од државата. За добивање на државна помош повеќе не се преговара во „четири очи“, туку целиот процес е отворен и транспарентен и сите однапред знаат каков вид на поддршка може да очекуваат кога ќе реализираат инвестиција. Ова креира предвидливост и стабилност за водење бизнис во нашата земја. 
 
Во портфолиото на мојот Кабинет за овие четири години имаме 353 договори за државна поддршка, кои се едногодишни па се до петгодишни, што ако се спореди со претходните 30-ина, ќе се согласите е неспоредливо повеќе. Дополнително, преку Фондот за иновации и технолошки развој, преку разните инструменти за поддршка, вкупно околу 780 проекти се поддржани.

Во услови на најголема криза, во 2020 година, за поголема конкурентност на компаниите, обезбедивме директна поддршка од 17,5 милиони евра, со кои поддржавме развојни проекти на точно 400 компании. Воедно, редовно ги сервисираме и договорите кои ги имаме со 35 компании кои работат во Технолошко-индустриските развојни зони и надвор од нив.
 
Ако ги сумираме сите податоци, ова е директна поддршка за околу 1.570 компании од нашата земја, најголемиот дел од нив се компании од производството и преработувачката индустрија, кои креираат додадена вредност. Тоа се наши амбасадори на меѓународните пазари и ме радува што се повеќе македонски фирми се одлучуваат на овој чекор, да инвестираат во сопствениот развој и на тој начин да станат поконкурентни на интернационално ниво. Тоа е патот кон одржливоста, тоа е начинот да постигнеме и побрз економски развој, а со тоа и да креираме подобри услови за живот на сите граѓани.
 
Работиме и на дополнително унапредување на комуникацијата со компаниите и овозможување на брзи, точни и едноставни информации за сите форми на државна помош.
 
Во оваа година започнавме со креирање на првиот Дигитален AI Асистент за државна помош. Овој асистент ќе се базира на вештачка интелигенција, ќе ги прави достапни сите информации, повици, процедури за добивање на државна помош, а во следна фаза и ќе комуницира дел од грижата за корисници за оние кои веќе ја добиваат.
 
Ја дигитализираме државната помош за сите инвеститори со што целиот процес ќе биде уште потранспарентен, брз и ефикасен и она што за мене е важно информациите ќе бидат достапни за сите, со што ќе се оневозможат сите евентуални манипулации и злоупотреба со истите.
 
Асистентот ќе зборува на три јазици: македонски, албански и англиски и е само првиот чекор од многуте кои следат за дигитализација, со што директно и Владата ја поддржува иновативноста и старт-ап заедницата во земјава.
 
Воведувањето на Планот за економски раст според кој се реализира државната поддршка за развој на компаниите, пред четири години, беше голем исчекор и веќе ги гледаме позитивните резултати за домашната економија.

Економските ресори кои ги координирам и секако мојот личен ангажман во следниот период период ќе биде фокусиран на ефективноста и ефикасноста на средствата кои се доделуваат.

Секој денар на граѓаните е важен, затоа, мојата целосна посветеност ќе биде насочена кон реструктурирање на домашната економија во нова развојна економија која се темели на производство со додадена вредност, преработувачка, истражување и развој или во сектори кои креираат поголема додадена вредност .
 
Во насока на поддршка, раст и ваш развој, веќе почнавме да работиме на мерки за ре-фокус на инвестициите во креирање на силни вредносни ланци на компаниите во нашата земја но и поврзување со целиот регион. Ова е нашата конкурентна предност, која мораме да ја искористиме за да излеземе посилни и постабилни во пост КОВИД периодот.
 
Со креирање на овие стимулирачки и афирмативни мерки ќе се поттикне економскиот развој преку зацврстување и синергија на вредносниот ланец за да го искористиме и капитализираме целосниот потенцијал кој ни се отвора преку „near shoring“ или приближување на ланците за снабдување поблиску до големите, прво европски а и светски компании. 
 
Сето ова ќе го направиме заедно, преку партнерски однос, како што тоа и досега го правевме. Во претходната година и половина мојот кабинет и целиот мој тим беше отворен и достапен за отворен дијалог, тоа така ќе продолжи и во иднина.
Веќе сме на крајот на оваа 2021 година и во неа надминавме бројни искушенија и предизвици, научивме многу, но пред се да бидеме прагматични, да си помагаме и соработуваме и најважно, да го задржиме оптимизмот!
 
Од лично име и во име на мојот тим, Во новата 2022 година ви посакувам здравје, да веруваме и работиме за реализација на нашите планови и да се радуваме на животот во деновите од годината.