29/11/2024
Македонија

Бочварски: Го раздвижуваме авиосообраќајот во земјата, од денеска директна авиолинија од Санкт Петербург до Скопје

Владата на Република Северна Македонија е посветена на  реализација на програмската определба за развој на авиосообраќајот преку воведување нови авиолинии, со цел полесно поврзување со земјите од Европа и пошироко.

Денеска, на Меѓународниот аеродром Скопје, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, присуствуваше на воспоставување на првиот лет од Санкт Петербург.

„На наше големо задоволство, денес на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна првиот лет од Санкт Петербург. По авиолинијата Скопје – Москва, која се реализира од јуни годинава и со која после 20 години пауза се поврзавме преку воздушна врска со Русија, ова е втора линија на рускиот превозник Нордвинд Ерлајнс. Би сакал да упатам честитки за менаџментот на ТАВ, на авиокомпанијата Нордвинд и на сите граѓани за воспоставување на новата линија.“ – изјави министерот Бочварски.

Тој потенцираше дека оваа авиолинија има голем потенцијал, како за бизнис патниците, така и за туристите, за зголемување на бизнис релациите, но и за подобрување на пријателските односи меѓу двете земји.

Министерот информираше дека има тренд на раст во авиосообраќајот, споредбено со минатата година кога поради Ковид кризата се воведоа рестрикции во меѓународниот авиосообраќај.

„За споредба, во периодот јануари – август 2021 година, во однос на истиот период лани 2020 година, имаме тренд на зголемување од 48 проценти на летови на двата аеродроми, од кои на скопскиот аеродром имаме зголемување од 51 процент, а на охридскиот 17,4 проценти.
Исто така, зголемување бележи и карго превозот од 60 проценти, што е доказ за раздвижување на авиосообраќајот.“ – истакна Бочварски.

Во овој момент, од Меѓународниот аеродром Скопје има летови кон 39 дестинации во Европа и светот, а од охридскиот аеродром кон 10 дестинации.

На новинарско прашање министерот Бочварски информираше дека Владата е во фаза на подготовка за нов јавен повик за субвенционирање на нискобуџетни авиолинии во вториот квартал 2022 година.