27/11/2024
Македонија

Бојмацалиев: Поднесени 200 кривични пријави против 865 сторител во период 2019-2023 од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, заслужено двапати првонаградени во Југоисточна Европа

Денеска, (20.03.2024) дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, оствари работна средба со раководството на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, со цел увид во постигнатите резултати и планирање на идните активности.

Притоа Бојмацалиев од страна на раководството на ОСОСК беше брифиран за работата на оваа организациска единица од каде меѓу другото истакнаа: „Неспорни се резултатите на МВР во борбата против организираниот криминал и корупцијата. На тоа укажуваат и бројките од 2019 година наваму. Откривачката функција на полицијата во 2021 година беше зголемена за дури 50% и од година во година се зголемува. Од страна на организациските единици во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, само во текот на 2023 година беа поднесени 36 кривични пријави против 175 физички лица, а кривично беа пријавени девет организирани криминални групи. Додека пак за првите два месеца од 2024 година поднесени се вкупно шест кривични пријави, за 10 кривични дела, а кривично се пријавени 17 сторители, односно 13 физички лица” брифираа од ОСОСК.

Имено во периодот 2019 година до крајот на 2023 во однос на резултатите на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесени се 200 кривични пријави, против 865 сторители по разни основи. Сузбиени се повеќечлени организирани криминални групи кои делувале во повеќе области – злоупотреба на службена положба и овластување, криумчарење на мигранти, тероризам, даночна измама, недозволена трговија со дрога и оружје, кривични дела против културното наследство и финансиски криминал, беше истакнато на состанокот и констатирано дека успехот е евидентен како во оперативните активности, така и во криминалистичките истражувања.

Сериозен успех Одделот бележи и во делот на криминалистички истражувања. Така, во текот на 2023 година активни биле 50 криминалистички истражувања во кои биле опфатени 458 лица, од кои во тековната година 13 криминалистички истражувања биле затворени со вкупно 94 лица.

Најголем број од криминалистичките истражувања и оперативни активности биле од областа на недозволената трговија со дрога а како карактеристични случаи во тој дел се една оперативна активност и криминалистичко истражување. Оперативната активност во однос на сузбивање на меѓународна организирана криминална група во делот на недозволена трговија и транспорт на големи количини наркотична дрога кокаин во Република Албанија, организирана од криминална група составена од македонски државјани, при што запленети се 324.4 килограми.

Криминалистичкото истражување за недозволена трговија со дрога BMK, во соработка и координација со Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, Јавно обвинителство на Турција, Царинските служби на Турција и Северна Македонија, како и СЕЛЕК (Центарот за спроведување на законите во Југоисточна Европа), при што поднесени се две кривични пријави против четири лица и запленети се 1002,52 кг „Фенилацетон“ или „бензил метил кетон“ (BMK), главен прекурсор за добивање на амфетамински тип стимуланси, класифициран во прва категорија на националната листа на прекурзори.

На крајот од состанокот со раководството на ОСОСК Бојмацалиев истакна:

„Со големо задоволство можам да кажам дека за оперативните активности и криминалистички истражувања колегите од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал се наградени од страна на СЕЛЕК со две награди во 2021 и во 2022 година, со прво место во Југоисточна Европа”, со уверување дека раководството и вработените во оваа организациска единица ќе продолжат со засилена динамика да ги спроведуваат сите оперативни активности кои значат намалување на севкупниот криминал на државата и гарантирање на безбедноста на граѓаните.