26/12/2024
Македонија

Вакцините се безбедни и се единствената превентивна мерка со која се заштитуваат децата од морбили (мали сипаници)

Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче, д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација и д-р Лилјана Ристовска-Деспотовска, виш инспектор во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, денеска одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа дека се преземени итни и неопходни мерки за да се спречи понатамошното ширење на епидемијата од морбили (мали сипаници).

„Поради актуелниот случај со морбили (мали сипаници) во детска градинка во скопската населба Радишани, каде има 5 заболени деца и еден возрасен (сите во стабилна состојба), заедно со Комитетот за имунизација и Комисијата за заразни заболувања, како и Државен здравствен и санитарен Инспекторат, преземени се итни и неопходни мерки за да го спречиме понатамошното ширење на болеста“, изјави министерот Филипче.

Градинката во населбата Радишани ќе биде затворена 15 дена. Веќе е извршена дезинфекција на целиот објект. Во неа биле запишани 223 деца, а во овој период во просек ја посетувале 104 деца.

Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче потенцираше дека сите мерки кои се преземаат во моментов, се превентива од ширење на болеста, и се однесуваат за целата територија на земјава.

„Препорачуваме, вакциналните пунктови во Здравствените домови да спороведат вакцинација за сите деца на возраст од 1 до 14 години на територијата на целата земја, кои досега биле пропуштени или невакцинирани од која било причина. Но, само како вонредна мерка за децата од скопската населба Радишани, се препорачува вакцинација од 6 месечна возраст. Сите деца кои ќе бидат вакцинирани во овој момент, а се на возраст од 6 месеци до 15 месеци подлежат на примање на уште една доза вакцина од 18 – 24 месеци“, изјави Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Лицата на возраст над 14 години до 45 години кои биле во непосреден контакт (фамилијарен или друг) со заболените лица, да се повикаат во Центрите за јавно здравје – Скопје за да се провери нивниот вакцинален статус и доколку не се вакцинирани да се вацинираат.

Министерот Филипче истакна епидемиолошките служби при ЦЈЗ/ПЕ во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш да започнат со спроведување на засилена контрола во вакциналните пунктови, проверка на вакциналниот статус за МРП вакцина на сите деца од 12 месеци до 14 години на територијата на целата држава.

Проф. д-р Александра Грозданова од Институтот за јавно здравје, на прес-конференцијата препорача сите матични лекари во државата при преглед задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14 годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани да ги упатат на вакцинација.

Во моментот, Министерството за здравство има во залиха доволна количина на МРП вакцини за спроведување на горенаведените активности.

Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче упати апел до родителите кои имаат мали деца од предучилишна и училишна возраст, задолжително да ги вакцинираат децата.

„Се формира работна група поврзана со изготвување на измена и дополнување на важечката законска регулатива поврзана со надзор на заразни заболувања и спроведување на вакцинација. Во работната група ќе учествуваат експерти од повеќе области од превентивна здравствена заштита, примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита, правни експерти и од Државен здравствен и санитарен Инспекторат (ДСЗИ). Единствената превентивна мерка со која ќе го заштитат здравјето и животот на своите деца. Колективниот имунитет е еден од клучните фактори за неширење на болеста и за спречување на поголеми епидемии. Секоја епидемија треба да се сфати сериозно, со целосна одговорност како на институциите, така и на населението. Министерството за здравство гарантира дека вакцините се комплетно безбедни“, потенцираше министерот Филипче.