22/11/2024
Македонија

Владата го усвои мислењето на Министерството за правда да се прифати иницијативата за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 168 седница го усвои мислењето на Министерството за правда да се прифати иницијативата за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1993), поднесено од пратениците Сашко Костов и Диме Велковски.

Законот за помилување беше изменет и дополнет во 2009 година, кога беше укинат членот 11 кој содржеше можност за помилување без спроведување на постапка, се вели во мислењето на Министерството за правда.

Според ова мислење, во март 2016 година, Уставниот суд го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, но со укинувањето на законот од 2009 година, не се враќа во сила одредбата од членот 11. Тоа значи дека претседателот на Републиката немал, ниту пак сега има правна можност да даде помилување без спроведување на постапка врз основа на тој член и според тоа сите акти за помилување на претседателот на државата засновани на член 11 од Законот за помилување објавен во„Службен весник на Република Македонија“ број 20/1993, се незаконски и како такви ништовни.