25/11/2024
Македонија

Делегација предводена од премиерот Ковачевски положи цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски

Со низа пригодни свечености, под слоганот „Обединети во слободата“, денеска Република Северна Македонија го одбележува Денот на независноста – 8 Септември, денот кога пред 31 година го отпочнавме својот пат како суверена и независна држава.

Чествувањето на овој голем празник во организација на Владата на Република Северна Македонија, започна со положување венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, на Градските гробишта „Бутел“.

Владината делегација која им оддаде почит на претседателите што оставија неизбришлив печат во градењето на нашата државност, беше предводена од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, а во нејзин состав беа, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за здравство Беким Сали, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.

На вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, свежо цвеќе положија и делегации на Кабинетите на претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието, потоа на Сојузот на Борците, дипломатскиот кор како и претставници на политичките партии.

Чествувањето на Денот на независноста – 8 Септември ќе продолжи со „Отворениот ден за граѓаните“ и богата културно уметничка програма на „Школка“ во Градскиот парк, а централната прослава ќе се одржи вечерва на платото кај паркот „Ибни Пајко“ од 19:30 часот.