24/11/2024
Македонија

Директорот на БЈБ Јанев: Полицијата е пријател, одговорен партнер на граѓаните и гарант за обезбедување на мирот и јавната безбедност

Денеска (23.11.2024), директорот на БЈБ Александар Јанев, заедно со својот тим, оствари работна посета на OВР Гевгелија, граничните премини Богородица и Дојран, како и ОВР Валандово и ПС Дојран.

Во текот на посетата од прва рака директорот Јанев беше информиран за тековните активности за работењето на службите кои се во надлежност на СВР Струмица и Oдделот за гранични работи, за  проблемите, потребите и предизвиците со кои истите се соочуваат во текот на нивното секојдневно работење.
Директорот Јанев посебно се осврна на потребата од координирано и синхронизирано работење на граничната полиција и Секторот за внатрешни работи Струмица, во насока на секојдневна размена на информации за критични и жешки точки кои се користат од страна на криминални групи или поединци за прекуграничен криминал. Директорот Јанев ја потенцира потребата полициските службеници да имаат блиска соработка со царинските службеници, посебно на граничните премини, со цел заедничко и ефективно работење во насока на превенирање, откривање и спречување прекугранични нелегални активности.

Заштитата на државната граница, борбата против  прекуграничниот криминал и организираниот криминал се активности за кои во најголем дел носител е полицијата и затоа сите полициски службеници мора крајно одговорно, со силен интегритет и максимална посветеност, да се вложуваат во секојдневното работење.

При посетите се разговараше и за идеите и начините кои би можеле да помогнат протокот на патници, возила и стоки да биде поефикасен.

Исто така, се разговараше и за подобрување на соработката со локалните власти и заедницата и соодветно исправање пред предизвиците од безбедносно функционален аспект со кои се сочуваат локалните заедници.

Полицијата е пријател, одговорен партнер на граѓаните и гарант за обезбедување на мирот и јавната безбедност.