24/11/2024
Македонија

Донесени нови мерки за ограничување на движењето; Се формираат регионални вакцинални пунктови во Струмица, Прилеп и Велес; Утврдени се текстовите на јавните повици за финансиска поддршка од 6-тиот пакет

На денешната 69-та седница, Владата на Северна Македонија ги усвои најновите мерки кои се однесуваат на ограничувањето на движењето на граѓаните, како и други мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести (КЗБ).

Согласно новите измени и дополнувања забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на територија на Република Северна Македонија, наместо како до сега, ќе започнува во 24:00 часот и ќе трае до 4:00 часот наутро, почнувајќи од 13 мај 2021 година со важност до 18 мај. Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови на 12 мај за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.

Почнувајќи од 12 мај 2021 година (среда) до 18 мај 2021 година (вторник), угостителските објекти ќе се затворат за посетители – гости од 23:30 часот, а за време на дозволеното работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси  од угостителскиот објект.

Исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) за посета од лицата сместени во овие објекти.

Од 12 мај престанува да важи мерка за забраната за посетители – гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, во затворен простор, како и во игротеките, но работата во овие објекти задолжително треба да се одвива според протоколите за работа.

Владата денеска ја прифати и препораката на КЗБ во установите за згрижување и воспитание на деца, да се зголеми бројот на згрижени деца во воспитните групи до две годишна возраст – најмногу до 15 деца, а во воспитните групи од 2-6 годишна возраст – најмногу до 20 деца.

Со одлука на Владата од денешната седница престанува да важи и наредената мерка со која се забранува користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор, односно се дозволува нивно користење, согласно планот на раководителот на институцијата, без да се наруши нормалното и тековно функционирање на системот на работа во здравствените установи.

Како дел од овие мерки е и одлуката дека сите настани и други слични јавни активности (културни, научни и забавни) може да продолжат да се одржуваат согласно наменските протоколи до 30 % исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50% исполнетост на отворените простори. Спортските настани и понатаму се организираат без физичко на присуство на публика.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за формирање на регионални центри за КОВИД-19 вакцинација за Струмица, Прилеп и Велес и го задолжи Министерството за здравство, во соработка со општините Струмица, Прилеп и Велес, да го координира спроведувањето на неопходните активности за формирање на регионални вакцинални пунктови за масовна вакцинација против КОВИД-19 во овие градови.

Со оваа одлука Владата им препорачува на општините Струмица, Прилеп и Велес да учествуваат во уредување на вакциналните пунктови во соодветни спортски сали.

На оваа своја седница, Владата го утврди текстот на јавните повици со кои се предвидува финансиска поддршка за естрадните уметници, за туристички водичи, за компании – оператори од индустријата за организација на настани, за агенции кои организираат настани и други активности, за поддршка за регистрираните игротеки и приватни детски одморалишта, за лиценцирани вршители на угостителска дејност (кабаре, ноќен бар, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор), за регистрирани и категоризирани ресторани за свадби, како и за на лиценцирани туристички агенции.

Владата го утврди текстот на Предлог-законот за ратификација на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција во врска со формирање на Управувачки комитет за економска соработка.

Овој Меморандум за разбирање е дел од Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција и предвидува формирање на Управувачки комитет (од вкупно 18 членови) со цел унапредување на економската соработка меѓу двете држави. Секоја од Страните на Меморандумот номинираат девет членови во Комитетот, од кои најмалку три членови треба да  бидат од редот на претставниците на Владите, а најмалку пет членови треба да бидат институционални претставници на приватниот сектор од Страните. Со Управувачкиот комитет ко- претседаваат Замениците на претседателите на Владите или Министрите на Владите задолжени за економски работи.

Управувачкиот комитет е надлежен да ја  координира билатералната економска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција, да го надгледува постигнатиот напредок, да расправа и да предлага  нови идеи и иницијативи, да  расправа за заеднички прифатливи решенија и да поднесува предлози поврзани со економски прашања од заеднички интерес на Заедничкиот Министерски Комитет (формиран согласно членот 14 точка 9 од Договорот од Преспа)  до Владите на двете држави.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог за бројот на студенти за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во учебната 2021/2022 година, ја донесе Одлуката за бројот на студенти за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи во земјата согласно информацијата.

На оваа седница е усвоена и Одлуката за дополнителни квоти за запишување студенти припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во учебната 2021/2022 година.

На денешната седница, на предлог на Канцеларијата на Претседателот на Владата, Владата го задолжи АД ЕСМ да изработи Студија за оправданост и сите потребни технички и финансиско економски анализи со цел изградба на фотонапонска електрана од 300 MW до 350 MW, на локација во непосредна близина на Штип, на земјиштето кое беше планирано за изградба на карго аеродром.

Со заклучок на Владата се задолжува АД ЕСМ да ангажира консултант за подготовка на тендерска документација и помош при спроведување на постапката за изградба на фотонапонска електрана од 300 MW до 350 MW во процедура со договор за изградба клуч на рака со обезбедување на потребните финансиски средства од страна на изведувачот согласно меѓународните искуства за ваков тип на проекти.