24/11/2024
Македонија

Дополнети протоколи за организирање настани кои се однесуваат на работата на културните установи и за работата во установите за згрижување и воспитание на деца

На веб страницата на Владата на Република Северна Македонија (https://vlada.mk/protokoli-koronavirus) се објавени Измените и дополнувањата на општиот дел од Протоколот за начинот и условите за организација на настани (како Прилог бр. 33), кој се однесува на редовното работење, како и вонредните манифестации што ги организираат и спроведуваат кината, театрите, балетските претстави, оперските претстави, филмските проекции, концертите, мултимедиските проекти, фестивалите и манифестациите од дејноста на културата.

Протоколот за начинот и условите за организација на настани од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, е усвоен на 73-тата седница на Владата на 30 јуни, додека на четвртата седница одржана на 14 септември 2020 година Владата ги усвои општите препораки за организирање на настани кои беа предложени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Согласно Протоколот и измените и дополнувањата, за време на одржувањето на овие настани, задолжително е носењето на лична заштитна опрема на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, одржување на физичка дистанца на публиката на настанот со обележани места за седење, поставени на дистанца од 1,5-2 метри и не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката.

Задолжителното одржување на физичка дистанца од два метри се однесува и на сите членови на тимовите задолжени за организација. Според препораките, ограничен е капацитетот на посетители и тоа: настаните на отворено да се организираат со 50 проценти од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители, а настаните на затворено да се организираат со 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители.

За сите останати прашања, за организаторите и публиката важат веќе утврдените препораки во Протоколот за начинот и условите за организација на настани.

Важно е да се напомене дека со овој протокол, и со измените и дополнувањата не се опфатени приватните веселби.

На веб страницата на Владата, како Прилог бр. 9, е објавен и Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по укинување на вонредната состојба, вклучително и измените според кои е предвидено воспитните групи за деца до 2 годишна возраст да имаат максимум по 12 деца (наместо досегашните 6) и двајца вработени во смена.