01/12/2024
Македонија

Заев: Владата, спортистките и спортистите заеднички да се заложиме за родова еднаквост и за надминување на родовите стереотипи во спортот

Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со Силвија Митевска, советничка на премиерот за спорт, Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт, Ленче Алексовска-Величковска, деканка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравјe, и Пулексенија Јованоска, спортистка, денеска учествуваа на настанот „Родова еднаквост во спортот”.

Премиерот Заев во своето обраќање им честиташе на спортистките и спортските работнички, новинарки, претседателки на федерации, за сите постигнати успеси и признанија укажувајќи дека во него треба да гледаат како на искрен пријател кој сака да го поддржи спортот и дека токму овој настан има за цел да ја пренесе пораката дека родовата еднаквост во спортот не е само декларативна поддршка, туку е реалност која мора да се случи и да се одржува.

„Ние како Влада ја препознаваме родовата еднаквост како една од клучните работи за позитивен општествен напредок. Но, постигнувањето на родова еднаквост во спортот ќе биде уште поголем успех за сите нас зашто спортот сѐ уште гласи за машко доминантна област и време е заеднички да ги надминеме родовите стереотипи кои преовладуваат во спортот”, истакна премиерот и нагласи дека спортистките и спортските работнички треба подеднакво да учестуваат во сите процеси на донесување на одлуки кои ќе влијаат на развојот на рекреативниот и врвниот спорт. 

„Имаме способни, мудри и храбри жени кои рамо до рамо со мажите треба да придонесат кон креирање на  политики на еднаквост во спортот”, потенцираше претседателот на Владата Заев.

Според советничка за спорт, Митевска родовата инклузивност е двонасочен процес и за да се надмине нееднаквоста во спортот и мажите треба да бидат подеднакво вклучени колку и жените. 

„Нашиот план е амбициозен, но со добра координација и посветеност веруваме дека е реален и остварлив. Ние кај нас сакаме да го видиме она што веќе е практика во европските земји. Тоа подразбира интеграција на родовата перспектива во стратешкото планирање и работење на спортските субјекти, донесување на родово-сензитивни закони и подзаконски акти, вклученост на жените во сите процеси на донесување на одлуки и примена на родово-одговорно буџетирање”, рече на дебатата Силвија Митевска.

За директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски вложувањето во спортот генерално и враќањето на спортот таму каде што припаѓа, значи инвестирање во здрав, квалитетен живот, во градење на најдобрите амбасадори на една држава. А, кога тоа се прави подеднакво, неселективно и кон спортистите и спортистките, тоа значи гарантиран успех за сите. 

„Го знам патот на моите колешки. Исправени се пред низа предизвици и стереотипи против кои храбро се борат и не дозволуваат да им го попречат патот по кој одат. Сите ние сме тука со една цел – целосна рамноправност и еднаквост на мажите и жените во спортот”, рече Мојсовски и притоа истакна дека дел од мерките за родова застапеност на жени во управувачки органи ќе биде опфатен во новата законска регулатива.

Деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравјe Алексовска-Величковска изрази благодарност до Владата за досегашната поддршка и идната вложеност во креирање на политики кои поттикнуваат родова рамноправност и истакна дека спортот е важен за зајакнување на девојките и затоа од најмала возраст треба да се насочуваат во спортско-рекреативни активности.

„Ние како општество имаме одговорност да ги мотивираме и стимулираме женските спортови и заеднички да изнајдеме начин да ја зацрвстиме улогата на жената во спортскиот живот”, рече деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравјe Ленче Алексовска-Величковска.

На крајот со свое лично искуство се надоврза и младата спортистка Пулексенија Јованоска која потврди дека да се биде жена во спортот е голем предизвик и дека секојдневно ги совладува стереотипите и постигнува високи спортски резултати и истакна дека силно ја поддржува одлуката на Владата да помогне во намалување на родовите разлики во спортот.