27/11/2024
Македонија

Заев: Забранети сите летови од Велика Британија во Северна Македонија, задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници од оваа земја

Премиерот Заев на денешната прес-конференција на која беше претставен Акцискиот план на Владата за 2021 година, на новинарско прашање да информира подетално во врска со набавката на вакцините за КОВИД-19, кои треба да пристигнат во првите месеци на идната година, како и за превентивните мерки кои се преземаат по најновите информации поврзани со појавата на забрзано ширење на коронавирусот во Велика Британија, одговори дека по одржувањето на Главниот кризен штаб е донесена одлука, до крајот на годината, за забрана за сите летови од Велика Британија во Северна Македонија. Дополнително, се воведува и за задолжителна 14-дневна самоизолација во домашни услови за сите патници што по воздушен или копнен пат, директно или индиректно од други соседни земји пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија.

„Државата освен обезбедените средства за 833.000 вакцини, кои ги одвои, одвои и дополнителни еден милион евра за набавка на инсулини и да остане резерва, 60 милиони денари да се користат за набавка на дополнителни вакцини. Нашиот став е да не чекаме грантови и да платиме сами, со оглед на тоа што имаме средства за да побрзо ги добиеме вакцините“, рече Заев во врска со набавката на КОВИД-19 вакцините, додавајќи дека и грантовите се добредојдени, притоа споменувајќи го најавениот грант од Европската Унија од 70 милиони евра за земјите на Западен Балкан..

Во врска со набавката на вакцините против КОВИД-19, премиерот Заев одговори дека сите достапни вакцини ни стојат на располагање за набавка и покрај набавката преку КОВЕКС системот има можност и за директни преговори со производителите на вакцина и се бара решение како директно да се купат вакцините. Во оваа насока е можно по препорака на Бирото за јавни набавки да се најде начин или пак доколку е потребно Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата ќе работат на членот на Законот за јавни набавки со поглавје „Ковид“ за набавка на вакцини, лекови и слично, транспарентно да може брзо да се изврши набавка.

„Третата можност е и набавка од соседите, Грција и Бугарија најавија директна поддршка при првите набавки за споделување со нашите граѓани, што е израз на големо пријателство и се заблагодарив лично“, рече Заев кој рече дека преговорите продолжуваат и со други европски земји.