29/11/2024
Македонија

Заев и Вучиќ на примопредавањето на вакцините од Србија: Ова е чин на драгоцено пријателство и подадена рака и со овие вакцини се означува почетокот на имунизацијата од КОВИД-19

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска на граничниот премин Табановце-Прешево го пречека претседателот на Република Србија Александар Вучиќ кој во нашата земја ја донесе пратката вакцини што оваа наша соседна земја ја издвои на Северна Македонија.

На церемонијата на примопредавањето, на која учествуваа и првиот  вицепремиер во Владата Артан Груби, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и министерот за здравство на Република Србија Златибор Лончар премиерот Заев и претседателот Вучиќ одржаа прес-конференција по повод овој чин на драгоцено пријателство, како што го оцени Заев, со кој Република Србија и српскиот народ солидарно споделува дел од своите вакцини со народот на Северна Македонија.

Пакетот од 4.680 од вкупно 8.000, е израз на  пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека да стигнат вакцините што Владата на Северна Македонија ги обезбеди преку механизмот КОВАКС и преку директните контакти од производителите „Фајзер“ од Соединетите Американски Држави и од „Синофарм“ од Народна Република Кина.

„2020 година беше една од најтешките години во поновата историја на човештвото. Ништо не е завршено и во оваа година, и останува и понатаму да бидеме крајно внимателни. Но, оваа планетарна криза го извади најдоброто од човештвото – соработката, пријателството и солидарноста. Како никогаш до сега пандемијата покажа дека сме поврзани и со најдобрите вредности и дека тие никогаш понатаму не треба да бидат заборавени. Да ги негуваме засекогаш и за сите заеднички идни предизвици“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата на Табановце.

Премиерот Заев додаде дека оваа средба и овој настан се резултат токму на пријателството и меѓусебната поддршка меѓу народите и државите и резултат на разбирањето за ситуацијата во која се најдовме сите ние во светот.

„Оваа солидарност и поддршка е израз и на традицијата во регионот која е повторно на сцена – првата рака на помош да се подаде кон најблискиот сосед, кон комшијата. Овој чин ги зацврстува и им дава светла перспектива на односите меѓу Србија и Северна Македонија кои, бездруго, се традиционално пријателски“, рече Заев во своето обраќање.

Претседателот на Владата Заев нагласи дека вакцините од Србија ќе влезат во Националниот оперативен план за вакцинација што Министерството за здравство го објави пред јавноста и кој постојано ќе се ажурира согласно динамиката на пристигнување на останатите договорени вакцини во земјата, типот на вакцината и спецификите на секоја одделна вакцина.

Заев дополни дека се утврдени приоритетните групи за вакцинирање, а почна и доброволното пријавувањето на граѓаните со што во полна функција го ставаме целиот процес на имунизација на населението со вакцини кои штитат од КОВИД-19.

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ во своето обраќање истакна дека завршените стриктни процедури за дозвола за ова отстапување на дел од вакцините од компанијата „Фајзер“ во голема мерка ќе ја олесни постапката и за вториот дел вакцини што Србија ги определи за Северна Македонија, и дека тој, Владата на Србија и српскиот народ се среќни што помогнаа да започне имунизацијата на граѓаните во Северна Македонија.
 


Заев: Како израз на драгоцен чин на пријателство, Република Србија и српскиот народ денеска солидарно споделија дел од своите вакцини со народот на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска на граничниот премин Табановце-Прешево го пречека претседателот на Република Србија Александар Вучиќ кој во нашата земја ја донесе пратката вакцини.

На церемонијата на примопредавањето, на која учествуваа и првиот  вицепремиер во Владата Артан Груби, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и министерот за здравство на Република Србија Златибор Лончар, премиерот Заев и претседателот Вучиќ одржаа прес конференција.
Обраќањето на премиерот Заев на оваа прес-конференција ви го пренесуваме во целост:

„Како израз на драгоцен чин на пријателство, Република Србија и српскиот народ денеска солидарно споделува дел од своите вакцини со народот на Северна Македонија.

Пакетот од 4.680 од вкупно 8.000 вакцини, е израз на  пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека да стигнат вакцините што Владата на Северна Македонија ги обезбеди преку механизмот КОВАКС и преку директните контакти од производителите „Фајзер “од Соединетите Американски Држави и од „Синофарм “од Народна Република Кина.

2020 година беше една од најтешките години во поновата историја на човештвото. Ништо не е завршено и во оваа година, и останува и понатаму да бидеме крајно внимателни. Но, оваа планетарна криза го извади најдоброто од човештвото – соработката, пријателството и солидарноста. Како никогаш до сега пандемијата покажа дека сме поврзани и со најдобрите вредности и дека тие никогаш понатаму не треба да бидат заборавени.

Да ги негуваме засекогаш и за сите заеднички идни предизвици.

Нашата денешна средба и овој настан е резултат токму на пријателството и меѓусебната поддршка меѓу народите и државите. Резултат на разбирањето за ситуацијата во која се најдовме сите ние во светот. Истовремено, оваа солидарност и поддршка е израз и на традицијата во регионот која е повторно на сцена – првата рака на помош да се подаде кон најблискиот сосед, кон комшијата.

Овој чин ги зацврстува и им дава светла перспектива на односите меѓу Србија и Северна Македонија кои, бездруго, се традиционално пријателски.

Нашите сограѓани, Србите во Северна Македонија, и Македонците во Србија, се алката на поврзување на народите на двете земји. Тие се значаен дел од нашето општество, уникатен дел во мозаикот од вредности и различности, и со нив заедно ги унапредуваме традиционално добрите односи и со Република Србија. Во тој контекст, упатувам огромна благодарност до пратеникот Иван Стоиљковиќ кој имаше активен придонес во координацијата за оваа донација, а иста благодарност упатувам и до нашиот пратеник Мирослав Јовановиќ.

Вакцините од Србија ќе влезат во Националниот оперативен план за вакцинација што Министерството за здравство го објави пред јавноста и кој постојано ќе се ажурира согласно динамиката на пристигнување на останатите договорени вакцини во земјата, типот на вакцината и спецификите на секоја одделна вакцина.

Утврдени се приоритетните групи за вакцинирање, а почна и доброволното пријавувањето на граѓаните со што во полна функција го ставаме целиот процес на имунизација на населението со вакцини кои штитат од КОВИД-19.

За крај, уште еднаш нагласувам, денеска сите ние сме дел од овој настан кој ја покажува солидарноста на дело, и уште еднаш на српскиот народ, на претседателот Вучиќ и на премиерката Брнабиќ, им велам – Благодарам што го помагате нашиот народ и нашето јавно здравје.

На овој убав ден посакувам и повикувам на сечив придонес, за да биде мир, здравје и љубов на Балканите“.