27/12/2024
Македонија

Заев: Пред нас е стабилна и развојна економија – го донесовме петтиот пакет економски мерки во вредност од 160 милиони евра

На денешната владина седница донесен е петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните и за компаниите, за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството. Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра.

На прес-конференцијата присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши.

Во продолжение го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев.

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

На денешната Владина седница го затворивме петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните и за реалниот сектор, за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството.

Овој пакет директно се надоврзува на претходните четири, а има за цел да ја придвижи економијата кон нам познатите стапки на економски раст во распон од 4% до 5%, односно на динамиката на раст од  пред пандемијата.

Кај повеќето мерки, поддршката ќе се користи до крајот на 2021 година со цел да имаат влијание и ефект врз економијата во текот на целата година.

Мерките се донесени низ дијалог и партнерство со сите засегнати страни, исто како и изминатите четири пакети економски мерки, проследени со сериозни анализи од институциите.

Мерките вклучени во петтиот пакет ќе го заокружат процесот на директна поддршка, со што преминуваме во фаза на излез и закрепнување од економската криза предизвикана од пандемијата. Тоа значи дека доаѓаме повторно во време на стабилност и развој, состојба која со овие мерки дополнително ќе се стимулира. Со кредити со ниски каматни стапки и преку системски мерки согласно планот за раст на среден и долг рок, ќе биде поддржана економијата во целина. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП од вториот квартал на 2021 година.

Петтиот сет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра, од кои 91,7 милиони се директни буџетски трошења.

Мерките се распределени во 4 главни столбови:

  1. Директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места на граѓаните во секторите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани.
  2. Финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити за задржување и зголемување на бројот на работници.
  3. Креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на пара-фискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки
  4. Поддршка за граѓаните

Почитувани,

Првата мерка е финансиска поддршка на плати за вработените во висина од 1 милијарда и деветстотини и дваесет милиони денари за месеците февруари и март 2021 година со опфат од околу 60.000 работници месечно.
Финансиската поддршка ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен, за да се поддржат работните места во домашните компании во зависност од тоа која компанија колкав пад на приходи имала во текот на ноември и декември 2020 и јануари 2021 година споредено со ноември и декември 2019 и јануари 2020 – значи три исти месеци се споредуваат со три исти месеци пред една година.

Мерката број еден е опциона и компаниите имаат избор да ја користат или неа, или мерката 2 – кредити со 0% камати за компаниите од дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани, приватните здравствени установи и слично, преку Развојната банка на Северна Македонија. Оваа мерка е во висина од 615 милиони денари и за неа може да се аплицира во текот на 2021 година.
Оваа мерка се однесува и на Самостојните вршители на дејност и на Приватните здравствени установи. Во зависност од вкупниот поголем обем на работа и зголемената добивка ќе имаат можност компаниите  да добијат скалесто неповратен дел од кредит од 30% до 50% од самиот кредит.

Како трета, ја предвидовме и конкретната мерка за финансиска поддршка за 120 радиодифузери во висина од 50 милиони денари за 2021 година. Со оваа мерка 120 радиодифузери, односно радија и телевизии кои имаат активни концесии за емитување на радио и телевизиска програма ќе бидат ослободени од годишната давачка за концесијата.

Под број 4 е ослободувањето од надоместокот за мултиплекс фреквенција за цела 2021 година. Оваа мерка ги опфаќа радиодифузерите во земјата на кои ќе им се покријат трошоците за 2021 година за дигиталниот терестријален мултиплекс и дозвола за емитување. Оваа одлука е согласно Законот за електронски комуникации, а има за цел ублажување на економските последици врз медиумскиот радиодифузен сектор предизвикани од коронавирусот.

Под број пет е мерката за финансиска поддршка за регистрираните занаетчии за 2021 година.
На занаетчиите ќе им се овозможи решенијата за аконтативно плаќање на персоналниот данок да им бидат намалени за 50% во 2021 година споредбено со решенијата од 2020 година.

Шеста мерка е финансиската поддршка за граѓаните преку продолжување на мерката за одложување на плаќање на данок на личен доход до 30 јуни 2021 година. Вредноста за оваа мерка е 15 милиони денари, а целна група се самостојните вршители на дејност кои согласно Законот за данок на личен доход беа ослободени од плаќање на аконтации до 31 март 2021.

Следната мерка, број 7, е за транспортните компании, финансиска поддршка за меѓународните транспортери. Станува збор за поддршка на компании чиј вкупен број вработени е околу илјада и кои се запишани во регистарот на превозници кој се води во Министерството за транспорт и врски, а кои вршат меѓународен линиски или слободен превоз на патници.

Осма на листата мерки е финансиска поддршка од 3.000 до 10.000 евра за компании кои имаат пад на приходите во 2020 за повеќе од 50% споредено со 2019 година. Ќе се реализира скалесто во зависност од падот на приходите од 50% па нагоре и е предвидена за регистрирани компании кои вршат транспорт на патници. Износот за реализација на оваа мерка е 40 милиони денари за околу 200 корисници.

Деветта е мерката Кредитна гарантна шема во вредност од 307,5 милиони денари.
Со оваа мерка ќе биде креирана нова гарантна кредитна линија во износ од 5 милиони евра, дистрибуирана преку Развојната банка на Северна Македонија. Се очекува државата да биде гарант за кредити кои компаниите ќе ги земат од комерцијалните банки во износ од околу 30 милиони евра.

Како 10-та е мерката со која го продолжуваме грејс периодот за плаќање на обврските за корисниците на кредитите од кредитната линија „Ковид 2“ кај Развојната банка до крајот на 2021 година.

Мерка 11 e поддршка за индустријата и операторите за организација на настани за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес  во висина од 61 милион денари.
Оваа мерка е наменета за правните субјекти кои организираат јавни настани, односно маркетинг и ивент агенции, продукции и други оператори од индустријата за организација на настани, со што меѓу другото ќе се  ангажираат и изведувачи, едукатори, културни работници, уметници, музичари и други професии од оваа ивент индустријата кои се директно погодени од пандемијата.
Програмата ќе ја реализира Генералниот секретаријат на Владата при што апликантите, односно операторите  кои организираат јавни настани ќе треба да се придржуваат до следните критериуми: прво, настани на зададена тема од исклучителен јавен и државен интерес, второ обезбедување видливост на настанот пред широка домашна јавност преку партнерства со националните и останатите телевизии и преку другите видови медиуми и трето – вклучување изведувачи, едукатори, културни оператори, уметници, музичари и други во продукцијата на содржини во рамки на настаните од јавен интерес.

Дванаесетта е мерката за секторот туризам. Станува збор за финансиска поддршка на хотели кои функционираат надвор од туристичките центри.
Износот е 64,6 милиони денари за 2021 година. Поддршката ќе се пресметува по регистрирани легла кај хотелите и согласно методологијата за категоризација која ќе биде дефинирана од Министерството за економија.

Следната мерка, мерка 13, е за извозните компании – тоа е финансиска поддршка преку основање Фонд за поддршка на извозни компании во висина од 615 милиони денари, кој ќе се воспостави преку Развојната банка на Северна Македонија. Се работи за евтини кредитни продукти за компании кои најголемиот дел од своето производство го извезуваат.

Како 14-та е мерката за спортските клубови. Предвидено е 33% од сумата што спортските клубови ја добиваат според ваучерскиот систем да се исплати од буџетот на почетокот на годината. Оваа мерка е во износ од 184, 5 милиони денари.
За 2020 година, преку овој систем за даночни ослободувања кои одат во спортските клубови искористени се околу 9,2 милиони евра, според евиденцијата на Агенцијата за млади и спорт.
Мерката 15 беше прва објавена во рамки на петтиот пакет економски мерки. Се работи за укинување на царински стапки за 71 суровина до крајот на 2021 година.
Станува збор за автономна мерка за извозно ориентираните компании со фискални импликации од ослободувањето во висина од 436,6 милиони денари.

Под бројот 16 е мерката која е веќе донесена и е наменета за извозните компании со важност до крајот на 2021 година. Се работи за укинување или намалување на царински стапки за 31 суровина и за месо. Фискалните импликации од оваа мерка се 228,2 милиони денари.

И мерката 17 е за извозните компании, а целта е усогласување со правилата и царинскиот третман на производите и услугите на пазарот во Северна Македонија со единствениот пазар на Европската Унија и пазарите на земјите членки на Светската трговска организација. Проценетите фискални импликации се околу615 милиони денари.

Со мерка 18 ги олеснуваме условите за 245 компании кои имаат активни договори како и за потенцијално новите компании кои ќе инвестираат според Законот за Финансиска Поддршка на Инвестиции.

19-та е мерката за микро, мали и средни претпријатија, како и за приватните здравствени установи. Финансиска поддршка преку кофинансирана помош за технолошки развој за забрзан економски раст во период на ковид – преку Фондот за иновации и технолошки развој во висина од 369 милиони денари.
Целта е да обезбедиме финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатијата и на приватни здравствени установи за забрзан економски раст.

Како 20-та мерка предвидовме пренамена на средства од блок дотации кои општините ги имаат заштедено или неискористено во текот на 2020 и 2021 за капитални инвестиции.

И тутунарите се опфатени во овој пакет мерки со финансиска поддршка со мерката број 21. Министерот за земјоделство, заменикот и нивните тимови најдоа начин да помогнат на тутунарите. Оваа мерка е за да ги спречиме последиците од ограничување во превозот и трговијата, како и од падот на потрошувачката на тутунски преработки на светско ниво. Вредноста за оваа мерка е  307,5 милиони денари за 2021 година. Министерот Арјанит Хоџа ќе ги соопшти деталите пред тутунарите.
Со мерката 22, како што најавивме, го вклучивме бришењето камати на граѓаните кон Јавни институции и претпријатија.
Со оваа мерка со законски измени ќе се нареди на Јавните комунални претпријатија, Јавните претпријатија и Управата за Јавни приходи, како и на општините и на сите други институции од јавните дејности да ги простат и избришат долговите на граѓаните по основ на камати во висина од 100%. Тоа се однесува за сите физички лица во нашата земја.

Главнината која ја должат повеќе од три месеци по основ на испорачани комунални и други јавни услуги, даноци и данок на имот, ќе може да се репрограмира за плаќање во период од 12 месеци.

Реализацијата на мерката за репрограмирање ќе се направи преку објава на Јавен повик во траење од 5 месеци во рамки на кои граѓаните ќе побараат репрограмирање на долговите.

Мерката не се однесува на долгови кон ЕВН, БЕГ и други приватни претпријатија кои даваат јавни услуги, како и на правните лица кои се корисници на ваквите услуги или даночни обврзници. Но сакам да ја искористам приликата отворено и јавно да ги замолам и приватните компании да се вклучат во оваа мерка, затоа што се свесни дека голем број на граѓани тешко ги плаќаат заостанатите долгови. Не сакам да ги обесхрабрам граѓаните кои редовни плаќаат, сепак ова е чин на солидарност, главниот долг останува за се плати, ќе бидат избришани каматите. Сите треба да ги плаќаме јавните давачки, а за најсиромашните државата излегува пресрет со бришење на каматите.

Со мерката под број 23 финансиски ќе ги поддржиме здравствени работници кои не беа опфатени со третиот пакет мерки. Станува збор за мал број на корисници, а предвиден е износ од 570 илјади денари.
Средствата се наменети за здравствените работници од болниците во Струмица и Гостивар.

Со мерката 24 се продолжуваат лиценците и дозволите за една година на субјектите како што се: ноќни клубови, кабареа, ловишта, аеродроми и слично. Мерката ќе се спроведе со јавен повик од сите засегнати институции и ќе се овозможи продолжување на правото на користење без надомест. Исклучок од оваа мерка се: концесионери на рудници, ископ на песок и чакал, казина, автомат-клубови и обложувалници.

И следната мерка, 25-та, e ослободување од договорни обврски, поточно ослободување од плаќање пенали за компаниите кои имаат потпишано договори со Единиците на локалната самоуправа, а во истите е предвидена клаузула за плаќање пенали за проблеми при реализација.  Дадена е можност со одлука на совет на општина примената на истата одредба да се одложи на минимум 1 година од сега.

Следната, 26-та мерка, е за преработувачите и извозниците на грозје кои не успеале да аплицираат на повикот од четвртиот пакет мерки во износ од 40 милиони денари.

Со мерката 27  овозможуваме финансиска поддршка за Роми претприемачи преку креирање на „Мечинг фонд за претприемништво за Роми“. Вредноста за оваа мерка е 123 милиони денари за 2021 година, а наменета е пред се за микро и малите компании кои имаат ризици во работењето. Исто така, намерата е голем дел од оваа ранлива категорија граѓани да добие финансиска поддршка со цел формализирање на нивната дејност. Регионалната ромска програма РЕДИ има определено износ од околу 1 милион евра за Северна Македонија, за што упатуваме огромна благодарност, а нашето финансиско учество во овој фонд се очекува да биде на слично ниво.

Мерка 28 е зголемувањето на прагот на ослободување на оданочување со данок на добивка на Регресот за годишен одмор од постоечките 40% на 80%.
Со мерката се опфатени компаниите кои имаат обврска да исплаќаат регрес на своите вработени.

И како последна 29-та мерка, но исто така од голема важност, е поддршката за дигитална трансформација на бизнисите кои имаат ниско ниво на дигитализација со цел побрза пост-ковид ревитализација. Оваа мерка вклучува низа поволности наменети за малите и микро претпријатија во вкупен износ од 25 милиони денари за 2021 година. Министерството за информатичко општество и администрација ќе ја спроведува оваа мерка.

Почитувани,

Во текот на целиот овој период од март минатата година до денес, покажавме максимална посветеност за грижа за здравјето, за работата на претпријатијата и за зачувување на работните места на нашите граѓани. Целта беше јасна – да ја одржиме економијата жива и витална, да имаме активни дејности кои овозможуваат проток, ликвидност, активност. И успеавме, успеваме.

Стопанството е поддржано како никогаш досега. Дополнително, редовно се исплаќаат платите, пензиите, социјалната заштита, и ги реализираме сите мерки за поддршка на економијата и граѓаните.

Во 2020 поддржани се над 840 компании со повеќе од 65 милиони евра.
Со над 17 милиони евра поддржани се 400 инвестициски компании со директна поддршка.

Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и мерките од Планот за економски раст со 11,5 милиони евра се поддржани 140 компании кои инвестираа во 2019 година.

За 39 странски компании кои функционираат во зоните и надвор од нив, преку мерките за кои се склучени договори, во 2020 се исплатени 25,6 милиони евра, а преку инструментите на ФИТР во 2020 година се исплатени 8,5 милиони евра на 266 компании.

Сега е вистински момент да продолжиме да ја стимулираме развојната компонента на компаниите кои покажуваат проактивност, резултати, вработуваат и придонесуваат за развој на националната економија. Пред нас е стабилна и развојна економија.

Имаме сериозни и чесни компании кои инвестираат, вработуваат, придонесуваат и ја ценат сопствената држава. Но, имаше и такви кои ги злоупотребуваа државните средства. Ги злоупотребуваа народните пари.
Во таа насока државата секогаш ќе стои на страната на оние кои работат чесно, согласно законот, вложуваат во нови инвестиции и сопствениот развој, во развојот на вработените и на општеството, а силно ќе се бориме против злоупотреби и против сивата економија.
Сите извлековме поука од пандемијата и треба обединети да придонесеме за развој и раст на економијата, а Владата е тука да создава услови и деловен амбиент за работа, развој на инвестиции, на извозот, а со тоа и на севкупната економија.

Ви благодарам.“