27/11/2024
Македонија

ЗПВ Николовски: Нова владина одлука – се спречува злоупотребата на службени возила

На денешната владина седница, на иницијатива на заменик претседателот на Владата за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски, беше донесена нова одлука со која се дефинира и регулира користењето на службените возила во сопственост или користење на државата.

Со одлуката се опфатени носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, односно сите директори и вработени во државната управа и во министерствата. Одлуката ќе важи и за правните лица основани од Владата, односно за јавни претпријатија и акционерски друштва, кои користат службени возила за службени потреби.

Исклучок се службените лица со службени овластувања вработени во државните органи од областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето заради извршувања на посебни овластувања согласно закон. 
Од оваа одлука исто така се изземени и службените возила на МВР, Министерство за одбрана, Агенцијата за разузнавање, Агенција за национална безбедност, од причина што се работи за органи од витално значење за безбедноста на државата.
Одлуката не се однесува на возилата што ги користат претседателот на Владата, вицепремиерите и министрите, бидејќи согласно нивната надлежност употребата на овие возила е регулирана согласно актите на Службата за општи и заеднички работи.
Со новите одредби, секое користење на службените возила мора да е одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган согласно неговите надлежности. Одлуката предвидува одредби за начинот на користење на службените возила, сервисирање, чување и водење на евиденција.

Одлуката е направена така што ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели. Новиот систем за следење на користењето на службените возила и начинот на кој ќе обезбедуваат дозволите за користење, овозможува лесно детектирање на неправилностите и нивна санкција.

Во изминатиот период се донесе и веќе се применува одлуката со која се ограничуваат трошоците за угостителски услуги за работни состаноци од страна на носителите на јавни функции, а со измените и дополнувањата на Законот за јавни претпријатија се ограничуваат надоместоците на членовите на управните и надзорните одбори и се намалува на бројот на членови на управни и надзорни одбори.