30/11/2024
Македонија

Иванов не успева да ги попречи интеграциите и пријателствата кои ги гради Република Македонија и може да зборува само за еден неуспех – неуспехот на неговиот мандат

Претседателот Иванов и со денешното свое обраќање пред македонската јавност, во Собранието на Република Македонија, докажа дека остана доследен само на својата определба да продолжи да ги дели граѓаните, која денеска ја дополни со конструкции со кои потврди дека живее во свет на заговори.

Со овој свој настап тој уште еднаш докажа дека наместо да го прочита Договорот од Преспа, и да ги поддржи гаранциите за идентитетот и за просперитетот кои ги нуди овој Договор, тој продолжува да шири невистини и омрази, обидувајќи се со тоа да го попречи напредокот на граѓаните на Македонија.

Иванов не верува во сопствената земја и сопствениот народ, а за да го прикрие тоа конструира измислици дека е жртва на некакви активности против него без никаква основа. Зборува само за темнина – јазли, поништувања, негирања, пандорини кутии.

Тоа го прави Иванов претседател заглавен во минатото, пасивен, дефокусиран, без јасно изразена европска и евроатланска агенда. Иванов е политичар кој не е посветен на стратешките интереси на државата.

Иванов си оди. Тој не успеа и нема да успее да ги попречи интеграциите, напредокот и пријателствата кои ги гради Република Македонија.

Иванов може да зборува само за еден единствен неуспех – сопствениот, неуспехот на неговиот мандат. Со сите свои постапки Иванов сакаше да го запре просперитетот, но не успеа.

Граѓаните, меѓународната заедница, ЕУ и НАТО ги поздравуваат интеграциските и реформските политики на Владата на РМ со што нашата земја е поставена на патеката на успехот, со обезбеден просперитет и идентитет.