30/11/2024
Македонија

Имаме најголема реализација на препораките за економски реформи од ЕУ од земјите од Западен Балкан и Турција

– Република Северна Македонија годинава е најдобра во регионот во однос на препораките на Европска комисија од Програмата за економски реформи, за периодот од мај 2019 година до јануари 2020 година, кои се однесуваат на реформски мерки за јакнење на финансиската стабилност  и креирање на работни места. Исто така, Европската комисија позитивно ги оцени нашите политики за справување со коронакризата. Денеска на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу Европската унија и Западен Балкан и Турција, кој се одржуваше онлајн, учествуваа министерката за финансии, Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Последниве три години, Република Северна Македонија е меѓу првите земји во регионот во спроведувањето на економски мерки согласно препораките дадени од Европската комисија во рамки на Економскиот и финансиски дијалог.

Министерската за финансии, Ангеловска, која го координира процесот на подготовка на економските мерки во Програмата, посочи дека има релативно добар напредок во мерките. Кај некои спроведувањето е на повисок степен, некои се подолгорочни мерки и треба подолго време да се спроведат. Добра реализација има во реформите во поглед на социјалната заштита, како и спроведувањето на мерката за младинска гаранција. Исто така, се преземаат напори за справување со најгорливиот проблем, сивата економија, за која Министерството за финансии изготви акциски план.

На Економскиот и финансиски дијалог стана збор за спровувањето со Ковид-19 кризата и се разменија искуства за краткорочните мерки кои се спроведуваат за справување на последиците, како и за среднорочните мерки насочени кон опоравување. Министерката за финансии посочи дека досега земјава има донесено три сета на мерки – два за премостување на кризата насочени кон даночни ослободувања, финансиска поддршка за зачувување на работни места, ликвидносни инјекции и регулаторни мерки и третиот насочен кон поддршка на потрошувачката и на стопанството преку низа мерки.

Народната банка е директно вклучена во спроведувањето на неколку од минатогодишните препораки од Програмата за економски реформи, кои доминантно се насочени кон натамошно зајакнување на финансиската стабилност. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска посочува дека оцената на институциите на ЕУ за спроведувањето на овие препораки укажува на значително ниво на имплементација и е една од двете највисоки меѓу оцените за имплементацијата на шесте групи препораки, со што директно придонесува за вкупниот резултат на нашата земја.Остварувањата во однос на овие препораки, како што е истакнато, ја одразуваат посветеноста на Народната банка за целосно заокружување на реформите.

Во рамки на Економскиот и финансиски дијалог, јасно беше посочено на успешното остварување на монетарните цели и на просторот којшто Народната банка постојано го гради, а којшто ѝ овозможи и брза реакција за ублажување на ефектите од корона-кризата.

Ангеловска-Бежоска истакна дека препораките во рамките на дијалогот со ЕУ имаат значајна улога во зајакнувањето на економските фундаменти и дека Народната банка ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките од Програмата за економски реформи за наредниот период, коишто овозможуваат побрзо усогласување со европските стандарди.