30/11/2024
Спорт

Ковачевски: Балканските спортски училишни игри се пример за нашата силна регионална поврзаност и обединетост

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска учествуваше и се обрати на официјалното завршување на Отворените училишни балкански игри во Охрид. На официјалното затворање на игрите кои се одржуваа во изминатите 4 дена беа доделени благодарници на седумте земји учесници од Балканот со околу 450 ученици. Премиерот Ковачевски од негово лично им посака на учесниците да се почитуваат меѓусебно и да си помагаат, како што премиерите и претседателите од Балканските земји меѓусебно си помагаа и не дозволија во зимски денови на криза да останеме без храна и енергенси.


Во продолжение е целото обраќање на премиерот Ковачевски:
 
„Минатата недела се одржа Самитот на Отворен Балкан каде заедно со моите колеги од земјите на Западен Балкан разговаравме и договаравме конкретна соработка и отворање нови можности за регионална поврзаност во сите области.
 
Овие Отворени балкански училишни спортски игри, каде што сме сите ние денес присутни, и на кои учествуваат околу 450 ученици-натпреварувачи од Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, говорат дека нашето поврзување е реално.
 
Владата на Северна Македонија е целосно посветена на креирањето програми за зголемување на опфатот на младите и на граѓаните во спортско-рекреативни активности. Инвестираме и во обезбедувањето на модерна и безбедна спортска инфраструктура и ги поддржуваме спортските клубови и професионалните спортисти и спортистки.

 
Дозволете да го изразам моето задоволство од оваа манифестација каде многубројни млади во изминатите 4 дена се обединети и заедно, се радуваат на личните, но и на постигнатите резултати на своите другари, не само од својата, туку и од останатите земји кои се тука присутни.
 
Балканот како едно, игра ракомет, кошарка 3 на 3, футсал, одбојка на песок, пинг-понг, атлетика и шах, а училишните сојузи од Балканот докажуваат дека спортот обединува.
 
Спортската дипломатија регионално нѐ поврзува и нѝ обезбедува зајакнување на добрите односи помеѓу земјите, отвора можности за афирмација, соработка, обединување и размена на искуства.
 
На учениците-натпреварувачи и натпреварувачки им посакувам индивидуални спортски успеси и понатаму, но и да им траат пријателствата и дружбите”, рече премиерот Ковачевски.