29/11/2024
Македонија

Ковачевски: Гроздоберот е во полн ек, посакувам успешна и бериќетна лозарска година, поддршката за лозарите и винариите продолжува

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски присуствуваше на традиционалниот гроздобер во винаријата „Тиквеш“ каде присутните имаа можност да учествуваат и да го проследат процесот на берба на грозје.

Премиерот Ковачевски ја искористи денешната пригода, да ги истакне заложбите на Владата да продолжи интензивно со конструктивната соработка, како и досега, со цел стимулирање на производството на висококвалитетно грозје кое е неопходно за производство на врвни вина со премиум квалитет кои се бараат на домашниот и на странските пазари.

Тој го истакна огромното значење на малите и големите винарии, чии активности придонесуваат за унапредување на квалитетот на македонското вино и претставувањето на нашата земја како винска земја и рамноправен дел од винската карта, на регионот и пошироко.

Премиерот Ковачевски во разговорите истакна дека по консултации со винариите и лозарите годинава е постигнат договор за зголемување од историски 30% на овогодинешните откупни цени на грозјето.

Од 2017 година досега, се решени проблеми и покажана е сериозна грижа за лозарите. Преку разни основи на поддршка достигната е бројката, инвестирани се околу 76.5 милиони евра, од кои 74 милиони, средства директно исплатени кон лозарите.

Зголемени се основни субвенции за одржување на лозови насади. Покажана е грижа и за малите производители, сменет е Законот за вино, и денеска постојат вкупно 139 субјекти, а 71 се регистрирани само оваа година.

Обезбедена е финансиска поддршка и за винариите преку новата мерка за поддршка на произведено и извезено вино за период од 01.09.2021 до 01.09.2022 година, за регистрирани производители на вино кои во овие две години имаат произведено и извезено вино.

Винариите беа помогнати и со мерките за време на КОВИД кризата кога беа исплатени 649 милиони денари директна помош на лозарите.

Сите мерки резултираа со стабилизирање на домашното производство на грозје со просечно производство од околу 270 илјади тони на годишно ниво.

Трета година по ред бележиме раст на извозот на вино, но и на винарските визби кој заклучно со 2022 година изнесува 139 со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри.

Премиерот Ковачевски на денешниот настан, посака среќа и бериќет, со желби за берба на квалитетно грозје и производство на квалитетно вино.