29/11/2024
Македонија

Ковачевски по повод 80 години од депортација македонските Евреи: Никогаш да не се повтори и да не дозволиме каков било облик на нетолеранција, антисемитизам и фашизам

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, по повод одбележувањето на 80 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта во Треблинка, порача дека никогаш не смее да се повтори ужасното зло од 11 март 1943 година, кога започнува депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта во Треблинка.

„Згаснатите животи на 7.144 деца, жени и мажи Евреи од нашата држава, меѓу трагичната загуба на над шесте милиони Евреи кои злосторнички се убиени во нацистичките логори низ светот, ќе остана засекогаш вклучен аларм за човештвото. Не смееме да дозволиме каков било облик на нетолеранција, антисемитизам, фашизам. Денес, кога светот се соочува со современи форми на агресија, исклучување, говор на омраза, поттикнати од национални, етнички, верски различности и неправедни наметнувања на едни народи и држави над други – сите сме повикани да бидеме гласни во осудата на овие недемократски пракси во 21 век“, порача премиерот Ковачевски во својот пост на Фејсбук, додавајќи дека Северна Македонија отсекогаш била – и денес е на вистинската страна на историјата и со изградбата на Едно општество за сите, продолжува да биде успешен модел за одржување и унапредување на еднаквоста, мирот и стабилноста во Европа и во светот.