26/11/2024
Македонија

Ковачевски по средбата со Мицковски: Време е за мудри одлуки и заедничка одговорност кои ќе ни обезбедат европска иднина

Во рамки на широката консултација по добивањето на европскиот предлог, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска одржа средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски. По завршувањето на средбата, премиерот Ковачевски ги повика сите политички чинители на мудри одлуки и заедничка одговорност пред задачата да се обезбеди европска иднина, бидејќи сега имаме неповторлива можност за просперитет на државата што им го должиме на идните генерации.


Во продолжение е интегралната изјава на премиерот Ковачевски:

„Ова прашање кое го дискутираме деновиве е навистина важно и за иднината на државата и за иднината на граѓаните. Би сакал да повторам дека позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна за нас и пред нас имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно изнесени ставови, и за тоа не треба да имаме никакви дилеми.

Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, ова беше најважното прашање за нас и затоа сакам да сум кристално јасен – Македонскиот  јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија без никакви фусноти, дообјаснувања и ѕвездички.

Предлогот воедно ги става билатералните историски прашања надвор од преговарачката рамка, отворените прашања со соседите треба да бидат затворени но затоа ќе имаме време се додека истите не се достоинствени и праведни за двете страни. ЕУ посочува дека тоа треба да се реши на билатерална основа и за тоа ова никако не е дел од рамката за преговорите.

Добрососедските односи како такви се фундамент на ЕУ, ние сме се согласиле дека ќе го прифатиме тоа како факт уште во 2001 година кога е потпишана спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во тој дух по тој принцип и по таа воспоставена пракса и традиција, наша обврска како идна членка на Унијата ќе биде да работиме на добрососедските односи и тоа ќе го правиме преку исполнување на договорот за добрососедство исто како што го правиме со исполнување на договорот од Преспа.

Во тој дух, по тој принцип и по таа воспоставена пракса и традиција, наша обврска како идна членка на Унијата ќе биде да работиме на добрососедските односи. И тоа ќе го правиме преку исполнување на Договорот за добрососедство, исто како што го правиме и со исполнување на Договорот со Преспа.

Протоколот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, не е нотиран во Преговарачката рамка. Тој е билатерален документ, кој не е дел од Европскиот пакет.

Овој конечен европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот совет од март 2020. Преговорите со Европската Унија ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот.

За крај, сакам да им се обратам директно и на граѓаните. Сите сме свесни за чувствителноста по однос на ова прашање. Лесно е да отфрлиме, да одложиме, да избереме нова неизвесност, но во овој историски момент е потребно рационално размислување со ладна глава. Потребна е мудрост и одговорност и објективно анализирање на сите сценарија, грижејќи се за иднината на нашите деца.

Од ова прашање не смееме да правиме дневна политика. Ова е историски важно и стратешко прашање на кое секој политичар, но и секој граѓанин треба да му пристапи многу сериозно. Апелирам до сите, да се држиме до фактите, да се држиме до официјалните документи и нивна правилна интерпретација.

Сакам да ги повикам сите политички чинители да ја земат предвид големината на задачата која е поставена пред сите нас, и да постапуваат конструктивно, одговорно и државнички. Ние апсолутно можеме да не се согласуваме политички, но сите имаме заедничка одговорност да обезбедиме подобар живот за сите граѓани.

Ние досега како Влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед, го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет. Ветивме дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторуваме и за кои Собранието усвои консензуална Резолуција. И тоа го направивме. И тоа се уште го правиме и ќе го правиме во секој следен чекор од овој процес.

Ова е историски момент за земјата, еден од ретките, како референдумот за прогласување независноста на Република Македонија, како Охридскиот договор, како Договорот од Преспа. Имаме единствена можност да ја исполниме и нашата долгоочекувана стратешка цел, полноправно членство во ЕУ. Тоа е нашата визија, тоа е нашата иднина.

Имаме единствена можност да ја исполниме нашата долгоочекувана стратешка цел – полноправно членство на ЕУ. Тоа е нашата визија и иднина. Имаме неповторлива можност за обезбедување просперитет на државата, затоа што им го должиме тоа на идните генерации. Време е за мудри одлуки”, рече Ковачевски.