24/11/2024
Македонија

Мандатарот за избор на преодна Влада на РСМ Спасовски: Наша првенствена обврска е организирањето на фер и демократски избори

Оливер Спасовски, како мандатар и кандидат за Претседател на Владата на Република Северна Македонија, денеска имаше свое обраќање во Собранието на државата, на седница која беше посветена на изборот на преодна Влада и на претседател и на министри во преодната Влада, сoгласно членот 42 од Законот за Влада.

Во своето обраќање, во кое тој побара Собранието да ја прифати предлог листата за составот на преодната Влада, тој ги истакна и најважните поенти од програмата за работа во периодот до изборите и до формирањето на новата политичка Влада согласно резултатите од гласањето на граѓаните.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на Оливер Спасовски како мандатар и кандидат за Претседател на преодната Влада на Република Северна Македонија, во целост: 

Почитуван претседател на Собранието на Република Северна Македонија, господин Талат Џафери,

Почитувани пратеници, Почитувани претставници на дипломатскиот кор, Почитувани претставници на медиумите, Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,

Денеска пред вас се обраќам како мандатар за состав на новата преодна Влада за спроведување на избори на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Предлогот за составот на оваа Влада е резултат на постигнатиот политички договор за организирање на предвремени парламентарни избори, а во насока на примена на одредбите од Законот за Владата.

Почитувани, 

Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт. Ова е време кога е потребно да се организираат фер и демократски избори, но и да се завршат потребните активности за полноправно членство на нашата држава во Северноатлантската алијанса и да се следат одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија. 

Токму затоа, честа, но пред сѐ одговорноста да се предводи Владата во овој период, за мене претставува силен предизвик, но и голема лична, професионална и политичка одговорност да се даде максимумот за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија. Преодната Влада ќе овозможи континуитет на функционирањето на институциите, на владеeњето на правото и демократијата и организирање на фер и демократски избори, преку кои демократската волја на граѓаните ќе се изрази во нова, политички легитимна Влада, која ќе продолжи да ја води Република Северна Македонија на вистинскиот пат – како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија.

Дозволете ми тука да ги потенцирам спроведените реформи на безбедносниот систем, особено реформата на МВР, реформата на поранешната УБК и формирањето на ОТА и Агенцијата за национална безбедност, кои гарантираат заштита и унапредување на човековите права, заштита на демократијата и стабилност на системот. Безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава. Тој денес функционира, со него функционира и правната држава, со неа функционира и демократијата и правото на глас како врв на демократските придобивки и почитување на граѓанските и политичките слободи и права. 

За разлика од режимот кој го имавме порано, за помалку од три години имаме јавност која не се плаши да го кажува постојано својот глас и својот став, која има критички однос кон било какво нефункционирање или девијантно однесување на институциите и која очекува ништо помалку од висока функционалност на сите тие институции кои ние ги претставуваме, почнувајќи од Владата, министерствата и сите други институции во Република Северна Македонија. 

Денес имаме држава која за неколку месеци ќе застане рамо до рамо со сите држави членки на најмоќната воено-политичка алијанса на светот и која набргу потоа очекуваме да го добие датумот за почеток на Преговорите за членство во Европската Унија. Со членството во НАТО ќе исполниме 50% од стратешките планови за нашата држава, останува да се стремиме кон останатите 50%. Како основен предуслов за тоа се фер и демократски избори, организирани согласно највисоките европски стандарди, за идеално да ја преточат волјата на граѓаните. 

Почитувани пратеници,

Свесен сум за одговорноста и улогата која преодната Влада ќе ја има за организацијата и спроведувањето токму на такви избори. Дозволете ми со особено задоволство да го претставам составот на новата преодна Влада за спроведување на избори на пратеници и Вам, на пратениците во Собранието да Ви предложам за членови на преодната Влада да бидат избрани:

Оливер Спасовски – за претседател на преодната Влада на Република Северна Македонија,
Радмила Шекеринска – за министер која ќе раководи со Министерството за одбрана;
Бујар Османи – за министер без ресор во Владата;
Мила Царовска – за министер без ресор во Владата;
Никола Димитров – за министер кој ќе раководи со Министерството за надворешни работи;
Наќе Чулев – за министер кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи;
Садула Дураки – за министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците;
Нина Ангеловска – за министер која ќе раководи со Министерството за финансии; 
Венко Филипче – за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство;
Рената Дескоска – за министер која ќе раководи со Министерството за правда;
Горан Сугарески – за министер кој ќе раководи со Министерството за транспорт и врски
Крешник Бектеши – за министер кој ќе раководи со Министерството за економија;
Трајан Димковски – за министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;
Дамјан Манчевски – за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација;
Рашела Мизрахи – за министер која ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика;
Арбер Адеми – за министер кој ќе раководи со Министерството за образование и наука;
Горан Милевски – за министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа;
Хусни Исмаили – за министер кој ќе раководи со Министерството за култура, 
Насер Нуредини – за министер кој ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање;
Роберт Поповски – за министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност; 
Едмонд Адеми – за министер без ресор задолжен за дијаспора;
Музафер Бајрам – за министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите;
Зорица Апостолска – за министер без ресор задолжена за странски инвестиции;
Бардул Даути – за министер без ресор задолжен за странски инвестиции;
Елвин Хасан – за министер без ресор задолжен за странски инвестиции; и 
Хисен Џемаили – за министер без ресор задолжен за странски инвестиции

Мандатот на министерот за внатрешни работи и на министерот за труд и социјална политика трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон.

Почитувани,

Организирањето на фер и демократски избори е врвен приоритет на преодната Влада. Ве уверувам дека јас како Претседател, министрите, замениците министри и дополнителните заменици министри ќе ги преземеме сите потребни мерки за да бидат обезбедени услови за спроведување на успешни предвремени парламентарни избори. Надлежните институции ќе ги добијат целокупната поддршка и помош за организација и спроведување на изборите. Очекувам професионална соработка помеѓу Владата и Собранието, а особено со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат соодветна улога во организацијата и спроведувањето на изборите.

Имаме историска одговорност да продолжиме со организација на избори какви што доликуваат на европска демократија, која се стреми кон полноправно членство во ЕУ. Впрочем, преку организацијата на локалните избори во 2017 година, на референдумот во 2018 година и на претседателските избори во 2019 година поставивме стандарди кои не смеат да бидат нарушени и кои ќе бидат водилка и за организација на изборите закажани за 12 април оваа година. Според оценките на меѓународните организации, особено на ОБСЕ/ОДИХР, сите изборни активности од 2017 година наваму беа спроведени во фер и демократска атмосфера, со почитување на стандардите за организација на избори. Токму професионалниот пристап на Државната изборна комисија, на Министерството за внатрешни работи и на останатите надлежни институции, доведоа до избор на Претседател на државата кој е признат и поздравен од сите парламентарни политички партии, како и од општеството во целина.

Должни сме да го поддржиме договорот меѓу политичките партии што ќе земат учество во изборите, како и нивниот пристап кон изборите, со единствена цел – враќање на политиката кај граѓаните и гарантирање на можноста за непосреден и слободен избор на секој граѓанин. 

Особено е значајно граѓаните да бидат мотивирани да учествуваат во демократскиот изборен процес во колку што е можно поголем број, да имаат поттик да гласаат на изборите и да веруваат во изборниот систем. Граѓаните се носители на демократијата. Тие ги носат одлуките, тие, и никој друг! 

Тука особено апелирам до опозицијата – одговорноста за спроведување на беспрекорни избори сега е подеднакво и ваша. СДСМ и коалицијата покажаа како се организираат избори, како демократски се управува со државата, сега е конечно време и ВМРО-ДПМНЕ да се одважи и да ги прифати и спроведува овие демократски стандарди. Времето на флоскули, на лажни вести, на политичко калкулантство е завршено. Сите сме дел од институциите и институциите мора да функционираат и да испорачаат совршени, слободни, фер и демократски избори. И ни милиметар помалку од тоа!

Почитувани граѓани, почитувани пратеници,

Одиме на избори кои ќе го одредат натамошниот пат на државата. Во овој период преодната Влада, треба да биде на висината на задачата и да ја преземе одговорноста да обезбеди услови за континуитет на динамиката на започнатите процеси и проектите за да нема застој во економијата и реформите. 

Тој пристап е особено значаен за да не се загрозат стратешките приоритети на Република Северна Македонија, за кои сум убеден дека имаме консензус.
Развојот на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, треба да останат главен фокус на работата на Владата. Одржувањето на политиките на развој на економијата, со цврста определба за поддршка на домашните претпријатија, пред сè на малите и средните, кои инвестираат и отвораат работни места, треба да продолжи со исто темпо.

Со исто таква динамика треба да продолжат и политиките за привлекување на странски инвестиции кои во изминатите три години дадоа одлични резултати.
Овие политики досега обезбедија историски пад на процентот на невработеноста, над 60.000 илјади новоотворени работни места, забележително зголемување на минималната плата, раст на платите во повеќе сектори. Обезбедувањето услови за продолжување на овие трендови е и ќе продолжи да биде императив. Најавеното зголемување на платите во образованието, здравството, но и во другите ресори ќе продолжи да се реализира согласно планираната динамика. Очекуваме дека со ова ќе се овозможи и раст на животниот стандард на граѓаните.

Во изминатите три години се постигна пресврт и во социјалната заштита за трајно извлекување на граѓаните од сиромаштија. Се воспостави функционална мрежа на институции за социјална заштита блиски до граѓаните и во претстојниот период треба да се обезбеди максимална примена и транспарентност на новиот систем.

Планот за чист воздух, со обезбеден финансиски фонд, дополнет со финансиската поддршка за различни активности на различни министерства поврзани со заштитата на животната средина, останува да се спроведува според предвидените активности. Преодната Влада сериозно ќе се посвети на координација на активностите помеѓу централната и локалната власт, а ќе ги поддржи и поттикне капацитетите за користење на европските фондови, кои ѝ стојат на располагање на државата. Остануваат и сите други обврски и околу грижата за животната средина и здравјето на граѓаните како стратешки приоритети на Владата на Република Северна Македонија.

За неколку недели ќе биде завршена постапката за полноправно членство на нашата земја во НАТО. Очекувам дека составот на овој парламент ќе биде токму тој кој ќе ја има честа да го верификува историското исполнување на една од најважните стратешки цели – членството во НАТО. Повеќе од две децении траеше патот кон членството во НАТО и навистина очекувам дека сите мудри и разумни политички одлуки кои ги преземавме во изминатите неколку години ќе бидат во насока на исполнување на деценискиот стремеж и волјата на огромното мнозинство граѓани да живеат во земја членка на НАТО.

И покрај бројните реформи и евидентниот напредок кој е констатиран во Извештајот за напредокот на Северна Македонија во последните неколку години, сѐ уште недостига датумот за отпочнување на преговорите со Европската Унија. Остануваме одлучни на патот на реформите, остануваме со истиот ентузијазам и посветеност за прилагодување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и уште посилно да работиме на реална и вистинска имплементација на европските стандарди во македонското општество. Ќе продолжиме да ги градиме капацитетите за водење на преговорите за членство и да ги исполнуваме високите стандарди, со примарна цел – подобар живот на граѓаните на Република Северна Македонија.

Мора да се истакне и одговорниот пристап во спроведувањето на реформите во правосудството, како дел од одлучната и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, а за јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите. Владата ќе ги овозможи сите институционални, материјални и севкупни услови потребни за работа на јавните обвинителства и судовите, пред кои стои огромна одговорност за расчистување на криминалот од носителите на јавни функции, без разлика на нивната политичка определба, како и за борба против корупцијата, организираниот криминал и злоупотребите од минатото.

Целта на Владата е создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, бидејќи само вистински информирани граѓани може слободно да донесат одлука за иднината на својата држава. Слободните медиуми кои известуваат независно, непристрасно и професионално се гарант на развојот на демократијата во општеството и чувар на слободната мисла. 

И во овој преоден период до изборите, Владата ќе ги продолжи политиките со кои Северна Македонија се гради како држава на сите граѓани што живеат во неа. Продолжуваме да градиме мултикултурно општество, со акцент на поширока интеркултурна комуникација. 

Свесни сме за значењето на образованието во 21. век. Квалитетот на образовниот систем мора да се гради секојдневно и на него не може да влијаат никакви надворешни влијанија. Затоа Владата ќе продолжи да развива интегриран систем на образование кој ќе влијае врз зголемување на економскиот раст и продуктивноста на трудот и ќе ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места.

Сите имаме обврска да дадеме максимум за остварување на овие цели – а, сега, со учеството на опозицијата во Владата, оваа обврска и задача станува заедничка и подеднакво важна и за нив како политичка структура.

Дозволете ми да потенцирам уште една реформа која иако не е формална е можеби најважната реформа која успеавме да ја започнеме во мандатот на претходната Влада, а тоа е реформата на умот, која се случува интензивно во позитивна насока во македонското општество. Граѓаните сѐ повеќе стануваат свесни дека од нив зависи развојот на институциите, дека од нивниот однос кон поединецот и кон општеството зависи и општото добро. За да ги задржиме младите луѓе тука, во нашата држава, потребно е да ги поттикнуваме да ги менуваат своите навики, да се грижат и да бидат посветени на изградбата на европска Северна Македонија.

Секако, на крајот, но се разбира, со еднаква важност, останува определбата дека сите наведени обврски на преодната Влада ќе се реализираат само во услови на одговорна власт која работи транспарентно и отчетно. Граѓаните очекуваат и мора да добијат ефикасна, транспарентна и отчетна преодна Влада.

Јас, како Претседател на преодната Влада, ветувам – и тоа со големи букви ВЕТУВАМ, дека ќе ја насочам сета моја енергија, знаење и капацитети, заедно со министрите преку тие постулати на транспарентност, одговорност и отчетност да продолжиме да градиме ефикасни институции во служба на граѓаните на веќе трасираниот прав пат на прогресот и демократијата.

Почитувани пратеници, почитувани граѓани,

Република Северна Македонија од формирањето на новата Влада во 2017 година до денес напредуваше многу. Токму оваа Влада и овој парламентарен состав ги донесоа најзначајните одлуки во поновата македонска историја. Беше потпишан договорот од Преспа, кој ни овозможи да го надминеме деценискиот спор со соседна Грција и да ја започнеме процедурата за ратификација на Протоколот за членство во НАТО. Истиот договор овозможи да се отвори можноста наскоро да добиеме и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Го потпишавме и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, кој ги зацврстува нашите позиции како релевантен партнер во регионот. Започнавме многу постапки за зајакнување на соработката со земјите во регионот, особено со Албанија, Србија и Црна Гора, со кои договараме сериозни олеснувања за слободен проток на стоки, луѓе, услуги и капитал за сите граѓани кои живеат во овој регион од Западниот Балкан. 

Реформите кои ги презедовме во повеќе сфери од општественото живеење наидоа на поддршка кај јавноста, но и ја зацврстија позицијата на Северна Македонија пред надлежните институции на ЕУ.

Сето тоа немаше да биде можно без визионерскиот однос и начин на работа на досегашниот Претседател на Владата, г-н Зоран Заев, кој силно го поддржа и доследното почитување на Законот за Влада и во смисла на формирањето на преодната Влада, која ќе биде избрана денеска. Иако одиме на предвремени парламентари избори, Премиерот Заев беше дециден во ставот дека мора да се почитува законот и да се формира преодна Влада сто дена пред изборите, за што сведочи и неговото денешно повлекување од функцијата. 

Дозволете ми да искажам голема благодарност до досегашниот претседател на Владата г-н Зоран Заев, но и до сите членови на Владата со кои успешно соработувавме во изминатите две и пол години. Токму со Вашата посветеност и професионалност успеавме да ја промениме државата и да овозможиме простор за уште поголем напредок и развој за доброто на сите наши граѓани. Таква иднина и таков живот заслужуваат граѓаните, таква ќе биде сликата на европска Македонија. Државата е на вистинскиот пат на напредокот, на развојот и демократијата кои ќе продолжат да бидат гарант на добрите политики што ќе се спроведуваат во нашето општество.

На крајот, дозволете ми да ги повикам сите членови на преодната Влада кои денеска ќе бидат избрани, достоинствено, гордо и со интегритет да ја извршуваат својата функција, за доброто на граѓаните на Република Северна Македонија. Во мене секогаш ќе имаат партнер и поддржувач за таквите политики.