23/11/2024
Македонија

Министерот Николовски: Договорното производство на сончоглед, одлична можност за земјоделците да имаат сигурен откуп

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и посебната советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Ленче Николовска, одржаа работна средба со земјоделци од Свети Николе. 

Министерот Николовски посочи дека Владата интензивно работи на нови мерки и програми кои ќе значат подобрување на состојбата во вкупниот аграр и ја потенцираше важноста од развојот на договорното производство на земјоделските култури како можност за решавање на пласманот на земјоделските производи. Николовски посочи дека договорното производство на сончоглед е одлична можност за земјоделците да имаат сигурен откуп. 

„Целосно даваме поддршка на оваа иницијатива за договорно производство. Со оваа идеја и со овој концепт не збориме дека ќе се решат сите проблеми, но збориме за едно прашање, за кое нудиме соодветна поддршка и решение, за тие што ќе се решат да партиципираат, односно да произведуваат да знаат дека тука стои државата, дека има интерес од самите компании, затоа што факт е дека правиме анализа и на сето она што Македонија го увезува“, изјави министерот Николовски

Министерот им порача на земјоделците дека ќе се направат анализи во врска со нивните барања за зголемување на субвенциите за сончоглед. Советничката за земјоделство, шумарство и водостопанство на ПВРМ, Ленче Николовска, посочи дека идејата е заедничка со директорот на фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес, а целта е да се зголеми домашното производство на сончоглед преку договорно производство.

„На тој начин вие, земјоделци ќе имате сигурен откуп, ќе ви се исплати производството, а откупувачот ќе има домашна суровина. За Владата тоа значи решавање на најголемиот проблем на земјоделците пласманот. Драго ми е дека овде гледам вистински, сериозни земјоделски производители за кои сум сигурна дека со поддршка од страна на министерството за земјоделство ќе имаат успешна реколта на сончоглед. Тука сме да ја потврдиме сигурноста на овој процес преку медијаторска улога од потпишувањето на договорите до предавање на сончогледот кај откупувачот и исплата на истиот“, изјави Николовска.

Во Свети Николе има голем интерес од страна на земјоделците за договорното производство на сончоглед. Во општинската сала пред повеќе од педесет сериозни земјоделски производители, беа присутни и претставници од институции кои заедно со директорот на фабриката „Благој Ѓорев“ ја презентираа идејата за сигурно производство и откуп на сончогледот. 

„Идејата да го зголемиме домашното производство на сончоглед ми е одамна, но за прв пат наидувам на разбирање и соработка од една Влада и Министерство за земјоделство. Знам дека некогаш сме произведувале и до 40 000 тони сончоглед за преработка но последниве години спаднавме на само 2000 тони поради неколку причини кои сега заеднички со земјоделците и владата сакаме да ги надминеме. Ви гарантирам дека секое зрно сончоглед ќе го откупиме и ќе го платиме – изјави Горанчо Лазов, директор на АД „Благој Ѓорев“.

Земјоделците беа едногласни дека досегашното мало производство на сончоглед се должи на скапото производство, ниските приноси и субвенции што ги прави неконкурентни на увозниот сончоглед.

– Ние земјоделците ја поздравуваме оваа идеја и сигурни сме дека можеме да ги зголемиме површините под оваа култура. Но потребно е да ги зголемиме приносите преку квалитетно семе и други репроматеријали. Исто така сметаме дека е добро да се покачат субвенциите како би можеле да мотивираат и други земјоделци напролет да насеат пченица. Меѓудругото се работи и за одлична култура за плодоред на површините на кои сееме пченица и јачмен – вели Никола Петковски – „Бониер“ кој додаде дека мотивирани од оваа кампања производителите на сончоглед формирале и Асоцијација за да може заеднички да настапуваат и да се едуцираат за добивање на повисоки и поквалитетни приноси.

Директорот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Елгафер Јусуфи, им порача на земјоделците дека кога станува збор за едукација, Агенцијата ќе има клучна улога, поради што веќе се екипираат советници од сите региони кои ќе бидат активно вклучени на терен и ќе им помагаат со совети во текот на целиот процес, во извршување на сите агротехнички мерки, од сеидба до собирање на родот. 

Заменик директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството Абдул Селам Селами ја истакна важноста на договорното производство и од аспект на развојната компонента која ќе ја имаат земјоделските субвенции бидејќи на овој начин тие ќе го стимулираат домашното производство.

Изминатите недели беа одржани вакви трибини и во други региони во државата, а кампањата за договорно производство на сончоглед ќе продолжи и во следните месеци, во други региони со цел земјоделците изворно да се запознаат со можностите кои ги нуди овој начин на соработка меѓу примарните производители и откупувачот.