23/11/2024
Македонија

Министерски совет на ОБСЕ – Ковачевски: Северна Македонија е за инклузивен и отворен дијалог, заснован на основните принципи на мултилатерализмот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се обрати и го отвори 30-от Министерски совет на ОБСЕ, кој се одржува во Скопје. Северна Македонија 2023 година е земја претседавач со најголемата светска регионална безбедносна организација. Слоганот на претседавањето на нашата држава беше „За луѓето се работи“, токму луѓето беа движечка сила која нè водеше за време на нашето претседавање.

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на претседателот на Владата, Ковачевски:

„Ми претставува чест и задоволство да се обратам на 30-от Министерски совет на ОБСЕ, во нашиот главен град Скопје.

Северна Македонија е позната по гостопримството и искрено се надевам дека вашите впечатоци овие денови ќе го потврдат тоа.

Вложивме големи напори за да овозможиме продуктивен амбиент за овој еминентен собир на министри и високи претставници на 57-те земји учеснички и 11-те партнери за соработка, како и на Генералната секретарка Хелга Шмид и претставниците на секретаријатот, Парламентарното собрание, автономните институции, теренските мисии, специјалните претставници на Претседавачот, како и на меѓународните организации и други релевантни чинители.

Овој настан е кулминација на нашето овогодишно претседавање со ОБСЕ, кое и во редовни околности, верувам ќе се сложите, не е лесен ангажман. Но, кога во декември 2020 година, со консензус ни беше доделена честа да управуваме со оваа најголема регионална безбедносна Организација, тешко кој можеше да предвиди дека пред нас ќе имаме вакви турбуленции и предизвици во регионот на ОБСЕ и пошироко. Како во поглед на тешкиот геополитички контекст и ескалацијата на безбедносните предизвици, така и во однос на функционалноста и иднината на самата Организација.

Визијата на ОБСЕ, како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани. Воената агресија на Руската Федерација против Украина продолжи со несмален интензитет и разорувачки последици, потврдувајќи ја својата неправедност и неоправданост.

Секој изминат ден и изгубени животи се сурова потврда на оцената дека воената агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право. Но, пред сè на вредностите на хуманоста.

Народот на Украина заслужува мир и војната мора да запре! Постигнувањето праведен и одржлив мир останува императив. Оваа војна продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ. Затоа, како клучно безбедносно прашање на нашиот регион и пошироко, централен приоритет за нашето претседавање беше и останува да биде обезбедување суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ низ димензиите на ОБСЕ.

Истовремено, во рамки на нашето претседавање должно внимание се даваше и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности низ ОБСЕ регионот. Тоа е процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот на Косово. Иако е надвор од непосредниот ОБСЕ регион, секако особено загрижувачки и со потенцијални широки импликации е и неодамна разгорениот конфликт на Блискиот Исток.

Оваа комплексна и нарушена безбедносна средина сериозно ги разниша довербата и дијалогот, кои се основни столбови на оваа Организација.

Доведе и до исклучителна неизвесност, со блокади околу буџетот, изборот на следен претседавач и на клучните раководни функции, дури до мера да се слушаат прашања за основата на постоењето на ОБСЕ.

Дами и господа,

За момент да ги ставиме настрана националните агенди, за кои, меѓу другото, верувам дека најдобро можат да се реализираат преку мирољубива соработка во еден мултилатерален систем базиран на правила и почит на основните вредности и принципи. Ниту една земја, без разлика на големината и силата, во денешно време, на долг рок, не може да просперира во изолација, ниту пак сама да се справува со комплексните предизвици на 21-от век.

Северна Македонија, како силен поддржувач на мултилатерализмот и директен корисник на улогата на ОБСЕ при спроведувањето на демократски реформи и унапредување на состојбите во разни области, е цврсто уверена дека оваа Организација е способна да направи разлика на терен. Тоа може да се потврди и преку пример од македонското општество, каде демократскиот изборен процес неминовно е поврзан со набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР.

Токму и нашето мото за време на претседавањето – „За луѓето се работи“ го рефлектира тоа уверување. Долготрајните дискусии во меѓународните форуми не треба да бидат апстрактна конструкција, туку да водат кон конкретни решенија кои имаат придобивки за граѓаните. Истовремено, кога е потребно, оваа организација игра важна улога во задржувањето на дипломатијата како алатка за обезбедување мир и спречување на војната и страдања.

Северна Македонија, иако не беше директно дел од војните што следеа по распадот на Југославија, сепак во декадите по независноста беше соочена со голем број предизвици како на домашен, така и на надворешно-политички план. Низ еден процес на созревање, го чекореше долгиот и не секогаш рамен пат на меѓународно етаблирање и зачленување во различни мултилатерални организации.  

Тоа понекогаш подразбираше тешки, компромисни одлуки, но вистинското лидерството подразбира континуирано барање решенија и прогрес. Така, од корисник на безбедносни и превентивни мировни мисии, денес Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилност и активно придонесува за безбедноста во регионот и пошироко.

Имајќи го предвид сето ова, признанието што токму ние денес сме домаќини на Министерскиот совет на ОБСЕ, е дотолку позначајно.

Истовремено, тука е и желбата да возвратиме на Организацијата, која и со својата теренска мисија од 1992 година до денес, дава свој придонес во напредокот на нашето вибрантно, инклузивно и разнолико, демократско општество.

Почитувани присутни,

Се надевам дека се евидентни нашите чесни напори за силно, проактивно, ангажирано и компетентно раководење со ОБСЕ, водени од стремежот да дадеме свој карактеристичен и препознатлив придонес во процесите на остварување на поголема стабилност на поширок план. И натаму истрајуваме на нашата основна определба што е единствен пат напред – да се поттикне инклузивен, суштински и отворен дијалог, заснован на основните принципи на мултилатерализмот и во срцето на нашата Организација.

Во остварувањето на вака зацртаната цел работевме напорно, во тесна координација со Секретаријатот на ОБСЕ и институциите на ОБСЕ, Парламентарното Собрание на ОБСЕ, теренските операции и специјалните претставници и, на прво место, секако, со земјите-учеснички.

Би сакал да им се заблагодарам на претседавачот, министерот Бујар Османи и неговиот тим, за неуморната посветеност и пожртвуваност во текот на Претседавањето.

Им благодарам и на сите останати вклучени во процесот, им благодарам на сите оние кои учествуваа во организацијата на овој исклучително значаен и најголем настан во историјата на нашата држава и ви посакувам успешна работа во претстојните два дена, со исход кој ќе овозможи излез кон помирни води.

Сите ние во ОБСЕ имаме потреба од мир, стабилност, обновена доверба и соработка. Историјата ќе нè суди по нашите дела“.