14/11/2024
Македонија

Мицкоски: Постојат индиции за епски криминал на СДСМ и ДУИ, злоупотребени милиони за пензии, во „Национални шуми“, РЕК Битола и ненормално 200% повисока цена за тендери

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија во интервју за „Фокус“ истакна дека постојат индиции и докази за епски криминал и злоупотреби на големи суми пари, во повеќе институции од страна на минатата власт на СДСМ и ДУИ, за кој органите треба сериозно да истражат, бидејќи недостигаат пари, а на терен нема проекти и реализација. 

– Ако вие имате недостаток од 5 милијарди денари, што е повеќе од 80 милиони евра, за да се исплатат редовни пензии, зборувам за редовни пензии, без оние 2 пати годишни усогласувања согласно законот, без покачувања. И, кога ќе видите во одредени други институции, каде се финансираат одредени проекти, кои беа од суштинско значење и важност за ДУИ пред се, но и за СДСМ, тогаш доаѓате до заклучок дека некој овде свесно го злоупотребил буџетот за да финансира проекти, преку кои постојат основани сомневања дека тие пари биле злоупотребени. На терен, не гледаме реализација и прогрес на тие проекти. Пред се мислам на проектите поврзани со изградбата на Коридор 8 и 10-Д, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека исто така и во „Национални шуми“ недостасуваат половина милијарда денари, значи над 8 милиони евра, средства направени за долгови, но ако се види дека фактурите се двојно, тројно поголеми од вообичаените, тогаш си го поставувате прашањето дека таму некој се обидел да злоупотреби.

Говорејќи за злоупотребите кои ги правела минатата власт, премиерот Мицкоски нагласи дека можеби разбирливо е на тендер да има 15, 20 проценти повисока цена, еве и 25 проценти, ама не 200 проценти, односно тоа не е нормално. 

– Ако правите проект од капитално значење, како што е пругата кон Бугарија, и ако тој проект ви завршува во мртва улица или на половина тунел, без да има извесност како понатаму би се развивал. И ако за тој проект треба да потрошите 560 милиони евра, од кои 360 милиони евра се пари на македонските даночни обврзници, а 200 милиони евра грант или пари на европските даночни обврзници, по принципот на Ред ФИДИК. А секој инженер кој работи со Ред или Црвен ФИДИК знае дека тој проект преку пенали може да порасне и до 750-800 милиони евра. Ако потрошите половина милијарда евра народни пари за 24 километри, 22 тунели да направите, да влезете во Крива Паланка и да урнете 20 куќи и 20 семејства да ги иселите, и да завршите во мртва улица, односно на половина тунел, не е нормално, потенцираше премиерот Мицкоски.

Во РЕК Битола, нагласи премиерот Мицкоски, дека само од една зделка разликата е 40 милиони евра. 

– Во овој момент, можам да кажам дека само во РЕК Битола од втората половина на 2021 година заклучно со мај 2024 година се однесени отприлика 1 милион и 600 илјади тони јаглен. Бидејќи точно се знае од рудникот колку е транспортот, тоа е 8,5 евра по тон, колку во рудникот чини рудата, колку таа се продава во РЕК Битола… Само во овој период, само за оваа зделка доаѓам до фрапантен податок дека разликата е околу 40 милиони евра. Тоа е грабеж и не е етички. Ниту еден нормален и чесен бизнисмен не би се нафатил на таква зделка, рече премиерот Мицкоски.