29/11/2024
Македонија

#МК30 Владата го претстави логото за јубилејот – 30 години од независноста на Северна Македонија

МК – Лого за Ден на независноста 2021 | АЛ – Лого за Ден на независноста


На денешната прес-конференција на портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, беше претставено логото кое ќе се користи по повод јубилејот – 30 години од независноста на државата.

Дизајнот на логото е инспириран од македонската државност, од Денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија и од сѐ она што денес, нашата Северна Македонија го носи со себе како демократска држава определена за мир, демократија, соработка и развој.

На традиционалната, историски заснована, национална, црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30 годишнината од независноста.

Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност.

Логото по повод 30 годишнината од независноста на нашата држава ќе се применува на сите јавни настани на државните институции во претстојниот период и ќе им биде достапен на сите граѓани, како дел од визуелизацијата на сеопфатната програма за одбележување на овој наш исклучително значаен настан – 30 години од референдумот на кој се изгласа независноста.