30/11/2024
Македонија

МТСП: Првата мобилна апликација за помош и поддршка на жртвите на насилство „Биди безбедна” достапна за сите

Министерството за труд и социјална политика заедно со UNDP ја креираа првата мобилна апликација за помош и поддршка на жртвите на насилство ,,Биди безбедна”, достапна на три јазици: македонски, албански и ромски.

Апликацијата ќе им помогне на жртвите на семејно насилство брзо и едноставно да побараат помош и поддршка, без разлика на времето и местото на кое се наоѓаат кога се во опасност или кога имаат потреба од поддршка.

Со вклучување на геолокаторот само со еден клик жртвите го испраќаат својот мобилен телефонски број и точната локација на која што се наоѓаат до Националната СОС линија за жртви на семејно насилство. Веднаш  потоа, жртвата ќе биде исконтактирана од одговорните лица.

Апликацијата е најпотребна токму сега, во период на корона криза, кога постои ризик случаите на семејно насилство да се зголемат.

Преку опцијата ,,Важни контакти” може да се исконтактираат сите институции и здруженија на граѓани кои даваат помош и поддршка на жртвите на сите видови на родово базирано насилство.

Оваа апликација нуди многу можности, вклучувајќи ја и опцијата корисниците да си изберат броеви за поддршка од својот именик, член од семејството, личност од орган, институција, невладина организација или било која друга личност на која ѝ веруваат.

Исто така апликацијата има едукативни и информативни содржини, вклучувајќи информации за правата на жртвите, практични совети за заштита, лични сведоштва на жртвите, како и целиот протокол за меѓусебна соработка на надлежните институции и здруженија за заштита и спречување од семејно насилство.

Апликацијата е достапна за користење од сите паметни телефони.

Подетални информации на следниов линк: https://www.mtsp.gov.mk/media-centar-ns_article-bidi-bezbedna.nspx