27/11/2024
Македонија

На локации во Дојран се снимаат завршните сцени од македонско-грчко-германскиот филм „Зад стоговите сено“

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски и продуцентот Владимир Анастасов денеска беа во посета на отворен сет за филмот „Зад стоговите сено” кој во моментов се снима на локации низ Дојран.

Лазаревски изјави дека  „Зад стоговите сено“ е филм кој е поддржан од страна на Агенцијата за филм на Северна Македонија, ЗДФ Арте од Германија и Грчкиот филмски центар, Грчката национална телевизија ЕРТ, но е препознаен и од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж.

„Оваа значајна соработка стана реалност, благодарение на Преспанскиот договор, и истата претставува размена на искуства помеѓу две филмски екипи, на две територии, отсликувајќи ги двата народа во создавањето на најголемото достигнување – филмско дело. Се надевам дека оваа соработка помеѓу соседите ќе се продлабочи и развива и во иднина, вклучувајќи ги сите останати сегменти од културното творење“, кажа Лазаревски.

Продуцентот Владимир Анастасов изјави дека ова е завршниот дел од снимањето на филмот и дека ова е една од првите ко-продукции со Република Грција, и рече дека се надева дека филмот ќе има успешен живот на фестивалите и во кино-салите.

Почесниот Конзул на Република Грција во Северна Македонија Ахилес Ракинас се заблагодари за поканата да присуствува на снимањето на филмот „Зад стоговите сено“,  проект кој е од големо значење за двете земји.

„Љубител сум на филмот, ја следам продукцијата од целиот регион, се чувствуваат успесите, затоа верувам дека и овој филм ќе остави белег. Се надевам на идни соработки во секоја област не само во филмот“, рече Ахилес Ракинас.

Режисерката на филмот Асемина Проедроу од Република Грција за филмот рече дека станува збор за рибар кој живее во село на границата помеѓу Република Грција и Северна Македонија.

„Тој се плаши дека ќе оди во затвор заради измама и долгови. За да собере пари почнува да пренесува мигранти со неговиот брод. Главната дилема во филмот е дали да се признае и да се каже вистината или да се сокрие“, го образложи накусо сижето на филмот режисерката Асемина Проедроу.

Снимањето на филмот се одвивa на територија на Грција уште од 13 јануари, а потоа продолжи на локации во Дојран и Гевгелија.

Поради настанатата ситуација со КОВИД-19 и воведувањето на карантин, се промени стратегијата за снимањето на овој филм, којшто сепак успеа да биде комплетиран на сетовите на македонската страна од Дојранско Езеро.