23/11/2024
Македонија

На првата седница на Владата во 2020 година се определени замениците претседатели, портфолијата на министрите без ресор и претседателите на основните комисии

Владата на Република Северна Македонија на денешната прва редовна седница во новиот состав, на предлог на премиерот Оливер Спасовски, кој претседаваше со седницата донесе одлука за определување на заменици на претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска е определена за заменичка на претседателот на Владата. За заменичка на претседателот, задолжена за економски прашања е именувана Мила Царовска. За заменик на претседателот кој ќе биде задолжен за европски прашања е определен Бујар Османи, а Садула Дураки, министерот за политички систем и односи меѓу заедниците е именуван за заменик на претседателот.

На денешната седница се определени и портфолијата на министрите без ресор во Владата на Северна Македонија. Министерот Роберт Поповски е задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Едмонд Адеми е министер задолжен за дијаспора, Музафер Бајрам е министер задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Зорица Апостолска е министеркa без ресор задолжена за странски инвестиции, Бардул Даути е министер без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан е министер без ресор задолжен за странски инвестиции и Хисен Џемаили е министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

За Генерален секретар на Владата на Северна Македонија е именуван Драги Рашковски, а за негов заменик Таки Хани.

На предлог на Претседателот на Владата на Северна Македонија Оливер Спасовски, на денешната седница се именувани претседателите и членовите на основните комисии на Владата на Република Северна Македонија.

За претседателка на Комисијата за економски систем и тековна економска политика е именувана Мила Царовска, за претседателка на Комисијата за политички систем – Радмила Шекеринска, а за претседател на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој – Бујар Османи.