30/11/2024
Македонија

Одлука за учество во борбената група на НАТО во Бугарија и во Романија

На денешната, редовна 79-та седница на Владата на Република Северна Македонија беше донесена Oдлука за формирање на Советодавно тело за давање на мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице.

Претходно, Владата ја усвои информацијата за потребата од иницирање меѓуресорско, Ад-хок тело како привремено решение, до донесување на нов Закон за здруженија и фондации, којшто е во фаза на изработка.

Ова е преодно решение за барањата поднесени од страна на здруженијата и сите правни субјекти, кои во името имаат историска личност.
 
Формираното тело ќе ги анализира поднесените предмети и на надлежните институции ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на кој ќе се формираат, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи.
 
Советодавното тело е составено од седум членови, номинирани од самите институции и тоа:  

  1. д-р Билјана Ристовска – Јосифовска, редовен професор на Институтот за национална историја при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј‘‘ – Скопје;
  2. д-р Бобан Петровски, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје – за прашања од антички период и среден век/д-р Никола Минов, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофски факултет во Скопје – за прашања од нов и најнов век;
  3. Академик Драги Ѓоргиев, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите;
  4. Антонио Павлоски, посебен советник во Кабинетот на Министерот за култура;
  5. Билјана Мицковска, од Сектор за правни работи при Министерството за економија;
  6. Сафет Незири, државен советник за образовни политики во Министерството за образование и наука и
  7. Ана Трајчева – регистратор во Централниот регистар на Република Северна Македонија;

Во работата на ова тело по потреба може да бидат вклучени дополнително и други лица од граѓанскиот сектор и надлежните институции.

На денешната седница, на предлог на Министерството за одбрана, по презентирање на информации за потребата од испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во борбената група на НАТО во Република Бугарија и во Република Романија, беа донесени одделни одлуки за испраќање на армиски единици во двете земји.

Задача на борбената група на НАТО е, како дел од зголемените активности за будност на НАТО (NATO enhanced Vigilance Activities- NATO eVA), да ја засили одбраната за источните граници на НАТО во Република Бугарија и во Република Романија.

Реализацијата на активностите го зајакнува партнерството и соработката помеѓу Република Северна Македонија и останатите сојузници во рамките на НАТО и истовремено влијае и на проширувањето на билатералната соработка на Република Северна Македонија со Република Бугарија, со Република Романија, со Соединетите Американски Држави, како и останатите сојузници и останатите нации, кои ќе придонесуваат во борбената група со персонал и опрема.

На предлог на Министерството за транспорт и врски беше усвоена и Одлука за учество на Република Северна Македонија во Европскиот АТМ специјален солидарен фонд и Доброволниот привремен солидарен фонд на ЕУРОКОНТРОЛ (Европска организација за безбедност во воздушната пловидба).

Согласно Одлуката, Северна Македонија учествува во Европскиот АТМ специјален солидарен фонд за поддршка на Украина и Молдавија со износ од 105,396.00 евра и Доброволниот привремен солидарен фонд за поддршка на Естонија, Латвија, Литванија и Полска со износ од 108,340.00 евра, за обезбедување на средства за трошоци за одржливо функционирање на давателите на услуги на навигација на Украина, Молдавија, Естонија, Латвија, Литванија и Полска за 2022 година.

Како резултат на последиците кои ги донесе војната во Украина, на последната  седница од Привремениот совет при ЕУРОКОНТРОЛ во јуни беа формирани овие солидарни фондови за поддршка со намена за одржување на трошоците за оперативниот кадар на контролите на летање на овие земји за 2022 година, односно обезбедување на континуитет на некомерцијалните јавни услуги за воздухопловна навигација.

Можноста за учество во фондовите е преку надоместоците за прелети кои се наплатени од ЕУРОКОНТРОЛ во име на Република Северна Македонија или директен придонес (донација) од државите во фондовите.

Владата на Република Северна Македонија jа разгледа Предлог – одлуката за престанок и за давање на трајно користење на недвижни ствари – линиски инфраструктурни објекти на Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, за потребите на Подружница Енергетика – Скопје и Друштво за  дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, сопственост на Република Северна Македонија и се наоѓаат на подрачјето на Град Скопје.

Членовите на Владата ја усвоија и Информацијата за преземените мерки од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во однос на појавата на африканска чума кај свињите при што беа донесени задолжувања за надлежните, со цел сузбивање и искоренување на болеста, меѓу кои:

  • Министерството за финансии – Царинската управа да ги интензивира контролите на граничните премини и на аеродромите, при влез во државата, на личниот багаж на патниците и на дневна основа да ја известува АХВ за запленетите производи од животинско потекло и истите нештетно да ги отстранува.
  • АХВ сѐ додека не прогласи стабилна епидемиолошка состојба со болеста африканска чума кај свињите, согласно Законот за ловство да им даде обврска на концесионерите на ловиштата, да извршат засилен отстрел на диви свињи во ловиштата определени со решение од директорот на АХВ, независно од бројот на дозволен отстрел определен во ловостопанските основи за секое ловиште. Во ловните денови да вршат контрола, во присуство на официјален ветеринар на сите учесници во ловот на определени пунктови, независно од тоа дали имаат отстрелано дивеч и да ја почитуваат законската обврска за издавање потврда за потекло на дивеч, делови од дивечот и трофеите од дивечот.
  • на ловиштата во кои се забранува ловот, да вршат пребарување за наоѓање на угинати диви свињи и истите да ги пријават на надлежните официјални ветеринари за земање примероци.
  •  Истовремено, да изработат план за динамиката, начинот на пребарување и мерките за биосигурност, кои треба да се применуваат при спроведување на оваа активност и да го достават до АХВ.
  • АХВ има обврска, во најбрз можен рок, за вршење надомест на штета за уништените (убиени) свињи во сите одгледувалишта (регистрирани) во заштитната зона од три километри.
  • Според задолжувањата, од надлежните ресори потребно е обезбедување помош и поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за интензивни контроли на дневна основа на патничките и товарните возила кои вршат превоз на животни во соработка со надлежните официјални ветеринари, како и обезбедување потребна механизација за спроведување на контролните и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, во најбрз можен рок.