09/11/2024
Македонија

Одлука за финансиска поддршка на авиокомпании коишто ќе воведат нови авиодестинации; заедничка седница на владите на Северна Македонија и Албанија во Скопје

Владата на Република Северна Македонија ја одржа 100-та седница.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата за донесување Програма за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија на домашни и странски превозници, за периодот од 2023-2025 година и ја донесе Програмата. Донесена е и Уредба за начинот и критериумите за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација којашто треба да се достави од страна на корисниците на финансиската поддршка.

Согласно овие одлуки, Владата, преку Министерството за транспорт и врски, во следниот период, ќе распише јавен повик за доделување финансиска поддршка за авиокомпании коишто ќе воведат нови авиодестинации за граѓаните.

Овозможувањето патувања до дополнителни одредишта во Европа и во светот ќе значи и отворени можности за економски развој, унапредување на туризмот и запознавање и соработка помеѓу граѓаните и бизнис секторот од нашата држава и од други држави.

Владата, на денешната седница, на предлог на  Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ја разгледа и усвои и Информацијата за одржување на втората заедничка седница на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Албанија.

Седницата е предвидено да се одржи на 14 ноември 2022 година, во Скопје.