Одлука со којашто цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април 2024 година; Нов чекор до средствата од Планот за раст усвоен од Европската комисија
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог- измени и дополнувања на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
Усвоените измени и дополнувања од страна на Владата, се по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии и со нив се утврдува опсег од 15% до 30%, во којшто друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност.
За износ на трошоците над 30%, предвидено е, друштвата за осигурување, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување.
Денешната одлука на Владата значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година.
Дополнително е утврдено дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, најдоцна до 30 септември, секоја година, до Владата доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.
Владата на денешната седница ја разгледа и утврди и Нацрт Реформската агенда 2024-2027 година во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан, со статус 30.04.2024 година и ги прифати сите технички корекции на реформските цели и следните чекори, по што се испраќа до Европската комисија.
Реформската агенда, согласно предвидената процедура, треба да биде усвоена од Европската комисија, со што ќе се отвори можноста за потпишување Договор за инструментот за реформи и раст и Договор за заем, како и поднесување Барање за повлекување на првата транша, односно за авансот во висина од 7% од алокацијата за земјата, односно за Република Северна Македонија.