28/12/2024
Македонија

Од 138-та владина седница: одлука за замрзнување на цените на јајцата од кокошка и оризот; Европска регионална конференција на Интерпол за прв пат ќе се одржи во земјава

Со одлуката се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на свежи јајца од кокошка и ориз и се определува обврска на трговците, кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот, да прибавуваат и/или да продаваат свежи јајца од кокошка.

Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година во трговијата на мало, за соодветната класа по производ.     
                         
Трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца од кокошка, во количини што редовно се прибавувале и продавале во јануари и февруари 2023 година.

Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот, имаат обврска најмалку 70 проценти од своето производство на свежи јајца од кокошка, да го стават во промет на домашниот пазар.
 
Највисоките цени на наведените производи во одлуката и  обврските на посочените трговци, ќе се применуваат до 30 април 2023 година.

Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Според Законот за трговија, Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата, во случај нарушување на домашниот пазар, заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки.

Министерството за економија, кое е предлагач на одлуката, информираше дека, врз основа на податоците од Царинската управа, на вкупен увоз на свежи јајца од кокошка во 2023 година, главно од Србија и увозот на  свежи јајца од кокошка за периодот јануари – 14 март 2023 година, е утврдено дека увозната цена на  свежи јајца од кокошка, има пораст во однос на 2022 година.

Со оглед на тоа што цената на увозот на свежи јајца од кокошка расте, како и пројавениот интерес на извоз на домашното производство на јајца од кокошка, оценето е дека сето ова може да доведе до недостаток на пазарот и значаен пораст на цената, од сегашната продажна цена.

Што се однесува до оризот, согласно податоците од Царинската управа од 01.01.2023 до 15.03.2023 година, остварен е вкупен извоз на ориз во количина 1.070.383 кгр. во вредност од 70.034.849 денари, а просечната извозна цена на ориз изнесува 68,47 ден/кг за ориз со средни зрна, односно 64,34 ден/кг за ориз со долги зрна, што е повисока цена за 30 проценти, во однос на просечната извозна цена во 2022 година.

Поради значајниот пораст на цените на ориз и свежи јајца од кокошка, како и поради претстојните велигденски и бајрамски празници, за да се спречи евентуална турбуленција и недостаток на пазарот на свежи јајца од кокошка, одлучено е, производителите, најмалку 70 проценти од домашното производство на свежи јајца од кокошка да го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на свежи јајца од кокошка што ја набавувале во јануари и февруари 2023 година. Највисоката цена на ориз и највисоката цена на свежи јајца од кокошка се предлага да се утврди на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година, во трговијата на мало, со важност до 30 април 2023 година.

Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои Информацијата за активности во однос на дејноста регулирано производство на топлинска енергија, доставена до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.

Се препорачува на АД за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, да го задолжи ЕСМ производство на топлина ДООЕЛ Скопје, да склучи Договор за закуп на основни средства за производство на топлинска енергија со сопственикот Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје. А, ЕСМ производство на топлина ДООЕЛ Скопје, до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија да поднесе барање за издавање лиценца за дејноста производство на топлинска енергија, како би се обезбедило непрекинато вршење и сигурност во снабдувањето на топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје.
 
Владата ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за внатрешни работи за организирање на 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ, во мај 2023 година во Охрид.

Ова е за првпат досега, да се организира ваква конференција на Интерпол во нашата држава, што се совпаѓа со стогодишнината од постоењето на Интерпол, но и триесетгодишнината од зачленувањето на нашата држава во Организацијата на криминалистичка полиција.

Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, организацијата и одржувањето на 50-тата Европска регионална конференција на Интерпол го смета за еден од најголемите и најважните настани кои ќе бидат реализирани оваа година, при тоа давајќи приоритет на меѓународната соработка, со акцент на меѓународната полициска соработка, вклучувајќи го одбележувањето одредени јубилеи, поврзани со  одржувањето на овој настан.
 
Во делот на кадровските прашања, Владата одлучи Зоран Јовановски да го именува за в.д. директор на Казнено поправен дом Идризово, со отворено одделение во Велес, откако го разреши Шпенд Таири од оваа позиција.

Новиот в.д. директор Јовановски има завршено високо образование на Факултетот за безбедност и општествена самозаштита, ЦОК БОС Елисие Поповски, Скопје, а магистрирал на Филозофскиот факултет на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Според приложената биографија, има работно искуство во МВР, како командир на Единицата за специјални задачи, како заменик генерал на Полицијата, како шеф на Граничната полиција, како помошник директор на БЈБ. Учествувал и на бројни семинари во Луизијана, САД, Германија, Обединетото Кралство, во врска со техники на истражувања, криминалистички истраги.  

Владата одлучи да го поништи огласот за избор на Државен правобранител на Република Северна Македонија.
 
Владата одлучи Душко Арсовски да го разреши од портпарол на Владата на Република Северна Македонија, на негово барање. Премиерот Ковачевски изрази благодарност до Арсовски, за посветената и професионална работа во две ипол годишниот период на извршување на функцијата портпарол на Владата.

Владата да даде согласност на Одлуката од 17.03.2023 година на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, со којашто за вршител на должноста директор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија е именуван Арсим Хасани.

На денешната седница, Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи ја разгледа и усвои Информацијата за номинирање кандидатка, д-р Мирјана Лазарова Трајковска, за судијка во Меѓународниот кривичен суд во Хаг и донесе ваква одлука.

Во текот на јануари, од Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг, според информацијата од МНР, е доставен повик за номинирање судии до Северна Македонија. Земјава е дел од Источно-европската група од којашто ќе се изберат двајца судии за Меѓународниот кривичен суд, на 22-та сесија на Собранието на земјите членки, што ќе се одржи од 4 – 14 декември 2023 година во Њујорк.

Мирјана Лазарова Трајковска е досегашна судијка во Врховниот суд (која во моментов работи на области во Оддел за казниви дела, Претседателка на Одделот за судење во разумен рок и одделот за судска практика), поранешна судијка во Европскиот суд за човековите права во Стразбур и во Уставниот суд на Република Северна Македонија.
 
Кандидатурата на Лазарова Трајковска е поддржана од претседателот на Република Северна Македонија, од МНР и од Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за исплата на пензии за месец март 2023 година.

Задолжен е Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 27.03.2023 година.

Се препорачува на деловните банки да обезбедат пензионерите да може да располагаат со мартовските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 28.03.2023 година.

Се препорачува на деловните банки, преку филијалите и експозитурите на банките, да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи, според висината на пензијата и тоа:

  • за пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 28.03.2023 година (вторник);
  • за пензии со висина 11.001 – 14.000 денари, исплатата да се изврши на 29.03.2023 година (среда);
  • за пензии со висина 14.001 – 18.000 денари, исплатата да се изврши на 30.03.2023 година (четврток) и
  • за пензии со висина над 18.001 денари, исплатата да се изврши на 31.03.2023 година (петок).

Владата донесе Одлука за денот и моментот на воведувањето и денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето во 2023 година.

Летното сметање на времето во 2023 година започнува на 26 март во 02 часот, така што со поместување за еден час нанапред, времето во 02 часот се смета како 03 часот.

Летното сметање на времето завршува на 29 октомври во 03 часот, така што со поместување за еден час наназад, времето во 03 часот се смета како 02 часот.

Потребата од донесување на оваа одлука е согласно Законот за сметање на времето и е во согласност со европски регулативи.

Донесувањето на одлуката, според образложението од предлагачот, Министерството за економија, придонесува кон следење на долгорочната економска политика на Република Северна Македонија за асоцирање кон Европската Унија, како и водење сметка за непречено функционирање на одредени сектори, како за транспорт и врски, така и на други сектори од индустријата, коишто бараат стабилно и долгорочно планирање.

Во Република Северна Македонија важи средноевропското зонско време.

На денешната владина седница се донесени и одлуки за основање две национални установи, на предлог на Министерството за култура.  

Владата донесе Одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје.

Установата се очекува да создаде високо квалитетен македонски џез производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.

Основна дејност на оваа установа, како што е образложено од ресорното Министерство, е предвидено да биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови коишто гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век. Оваа установа, ќе ги зачува талентираните џез музичари кои ги има, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негувањето на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа, а ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации коишто ја негуваат истата дејност.
 
Донесена е и Одлука за основање национална установа „Галерија на Гостивар“ – Гостивар, Република Северна Македонија.

Установата е предвидено да врши музејска дејност заради истражување, собирање, стручно и научно обработување, подготвување и презентирање на музејските материјали и афирмација на уметничкото творештво од полошкиот регион, а со цел промовирање на значењето на културното наследство од полошкиот крај.

Основањето на национална установа „Галерија на Гостивар“ – Гостивар, претставува важен чекор за реализација на Националната стратегија за развој на културата, со цел демократски, слободен, динамичен, рамномерен и одржлив културен развој.