26/11/2024
Македонија

Подготвен е план за прифаќање на повредените и за достоинствен транспорт на починатите, се комплетираат сите податоци за истрагата

На прес-конференцијата во Владата на Република Северна Македонија, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пренесоа повеќе детали поврзани со грижата за преживеаните, за пренесувањето на телата на починатите во сообраќајната несреќа во Бугарија од 23 ноември, како и за некои аспекти и други прашања поврзани со истрагата за трагичната несреќа.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека повредените сместени во болницата „Пирогов“ се во стабилна здравствена состојба и веќе од утре ќе бидат пуштени првите двајца од повредените граѓани, за кои Министерството за здравство веќе презеде обврска да го обезбеди транспортот назад во земјава, и нивно медицинско згрижување во Скопје, и дека преносот на повредените ќе се одвива консекутивно за секој од седумте граѓани, соодветно на нивната здравствена состојба и одлуката на болничкиот персонал за нивно препуштање на нашите здравствени работници.

Османи информираше дека работна група во МНР подготвува план за координација за достоинствен транспорт на телата на починатите според насоките од Владата, како и дека сите трошоци кои ќе произлезат при организирање на транспортот и за погребот се целосно преземени од страна на Владата.

Амбасадата во Софија, соопшти Министерот за надворешни работи, ги прибра информациите за капацитетите за транспорт со кои располагаат компании во Софија и во Скопје и дека ќе се реализира организиран транспорт во соработка и комуникација и со семејствата на починатите.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ги пренесе податоците што ги потврди бугарското обвинителство според кои со автобусот се превезувале 52 патника, а од настанатата сообраќајна незгода и пожарот кој што настанал притоа, настрадале 45 лица, додека седум лица успеале да го напуштат автобусот и биле пренесени во клиниката „Пирогов“ во Софија.

Спасовски појасни дека полицијата прави контрола на документите кои лицата и возилата е потребно да ги имаат при преминување на државната граница, односно патни исправи и лични карти за патниците, и дека за возилата припадниците на МВР ги контролираат сообраќајната дозвола и зелениот картон, додека контролата на лиценците за автобуски превоз на граничните премини е во надлежност на Царинската управа и  Државниот инспекторат за транспорт.

Според евиденцијата на МВР министерот Спасовски информираше дека автобусот од сообраќајната трагедија во Бугарија во 2020 година во 22 случаи има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има остварено 113 преминувања на државната граница, и дека тој автобус за првпат е регистриран во Скопје на 15.10.2020 година, во сопственост на „БЕСА ТРАНС БТБ“ ДООЕЛ, а последниот технички преглед е направен на 05.10.2021 година.

Спасовски соопшти дека согласно резултатот за измерени вредности од техничкиот преглед направен од страна на стручните лица во овластеното правно лице за вршење на технички преглед на возила, нема отстапки кои укажуваат на неисправност на возилото и нема забелешки. Притоа, важноста на регистрацијата е до 13.10.2022 година, и дека возилото е произведено во 2007 година.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нагласи дека, според најновите информации кои стигнаа до МВР, од страна на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје, обезбеден е биолошки материјал од роднини на 44 патници, а добиените ДНК профили се предадени во нашето обвинителство. Овој материјал ќе биде предаден на надлежните служби во Бугарија, кои ќе прават поврзувања по роднински врски со пронајдените останки, а биолошки материјал за 45-тиот патник е обезбеден во Софија.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информираше дека опожарениот автобус со регистарски таблици СК 0284 БА кој учествуваше во сообраќајната несреќа во Република Бугарија, не е пријавен од сопственикот во единствената електронска база на податоци на Министерството, и дека за истиот автобус не поседувал извод од лиценца, а за превозот на патници користел неважечки извод кој се однесувал за друг автобус.

Во врска со шпекулациите во јавноста како превозникот „Беса Транс БТБ“ ја минувал границата, министерот Бочварски информираше дека изводот од лиценца со број 22679 што се јавува во електронскиот систем на Царинската управа, а кој бил користен за опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот „Беса Транс БТБ“. Од тоа станува јасно дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило, а во друг наврат ја прикажувал и лиценцата од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Поради тоа Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата за вршење на дејност на превозникот „Беса Транс БТБ“, истакна Бочварски и додаде дека на барање на Обвинителството,  Министерството за транспорт и врски веќе ја предаде целосната документација за превозникот „Беса Транс БТБ“ и дека во наредниот период ќе се постапува според барањата и потребите на Обвинителството. 

https://youtu.be/ldOlKdWYawI