26/11/2024
Македонија

Политиките даваат резултати и економијата се движи напред, раст на БДП од 3,7% во четвртиот квартал 2018 и рекордно ниска невработеност од 19,4%

Денеска во Владата на Република Северна Македонија се одржа прес-конференција на вицепремиерот Анѓушев и економскиот тим министри посветена на растот на БДП во четвртиот квартал од 3,7% според последно објавените податоци на Државниот завод за статистика, на којашто се обратија заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Вицепремиерот за економски прашања Анѓушев нагласи дека по низата на претходни позитивни информации за економијата од различни сектори, а во согласност со очекувањата на Владата, Државниот завод за статистика објави дека растот на Бруто домашниот производ во четвртиот квартал на 2018 година изнесува 3,7%, додека невработеноста во земјата го достигна најниското ниво во историјата и падна на 19,4%.

„Трендот на растот на БДП е позитивен, што потврдува дека Владините економски политики се правилно поставени и дека добро обмислените мерки во сите сектори ги даваат очекуваните резултати. Растот на БДП во четвртиот квартал на 2018 година изнесува 3,7%, додека невработеноста ја проби психолошката граница од 20%, односно падна на 19,4%, што претставува намалување од 3,6% за само една година, односно креирани се 26.600 работни места во текот на изминатата година. Растот на БДП се базира на раст на градежништвото, кое што е вратено во нормала, со раст од 19,6% во четвртиот квартал, растот на финалната потрошувачка, како и извозот на стоки и услуги. Индустрискиот раст во јануари 2019 година бележи раст од над 12%, што ни дава за право да кажеме дека економијата на Република Северна Македонија има светла иднина и дека создаваме силна економија, шанса за сите граѓани“, потенцираше вицепремиерот.

„Во четвртиот квартал забележуваме раст на градежништвото од 19,6%, што е преку 20% повисок отколку во третиот квартал. Ова само покажува за силната реализацијата на капиталите проекти. Она што е уште поважно е тоа што градежната сезона веќе започна и тоа е добар предуслов за висока реализација на капиталните инвестиции и оваа година. Вкупните инвестиции што се инвестираат надминуваат над една милијарда и 200 милиони евра. Овие показатели само потврдуваат дека градежниот сектор се враќа на посакуваните двоцифрени стапки на раст и дека конечно граѓаните ќе ги видат бенефитите од овие инвестициони вложувања“, соопшти министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски посочи дека во четвртиот квартал од 2018 година, земјоделството бележи пораст со што како сектор има придонес во вкупниот раст на бруто-домашниот производ.

„Споредено со претходните квартали кога имавме негативен тренд и состојбата што ја наследивме во 2017 година, кога учеството на земјоделството во вкупното БДП беше негативно, овие податоци покажуваат дека земјоделството се стабилизира, односно излегува од континуираната негативна состојба што е резултат на нагорен тренд на зголемено производство и на зголемени обработливите површини. На пример во 2017 година се обработувале вкупно 226.117 хектари, а во 2018 година 229.414 хектари“, изјави министерот Николовски.

Според Бектеши, четвртиот квартал е период на комплетна реализација на мерките и активностите од годишните програми. Планот за економски раст и реалните економски политики преточени во неколку програми наменети за компаниите дадоа резултати во зголемување на конкурентноста, засилена трговска активност и зголемен извоз. 

„Само во Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво 2018 поддршката за компаниите ја зголемивме, односно бизнис субјектите имаа на располагање на 47 милиони денари и со неа обезбедивме поддршка на развојот на над 150 претпријатија. Годинава фирмите имаат дури нешто над 53 милиони денари, поделени во дел за мали и средни претпријатија, за кој се веќе активни неколку мерки, дел за индустриска политика, каде поддршка ќе добијат субјектите од преработувачката индустрија, дел за кластерско здружување и нов дел за општествено-одговорно работење“, рече министерот за економија Бектеши.

На денешната прес-конференција, Министерот за финансии истакна дека растот на БДП од 2,7% е најблизок до есенската проекција на Министерството за финансии за раст од 2,8%. Со ова Министерството за финансии се потврди како кредибилна институција. За споредба, есенските проекции на другите релевантни институции се движеа меѓу 1,6% и 2,5%. Ова е јасна потврда за зајакнатиот капацитет и посветеност на Министерството за финансии. Кредибилноста на економските проекции е клучна за кредибилно дизајнирање на буџетот, а со тоа и кредибилно водење на фискалната политика.

„Овие позитивни постигнувања се несомнено резултат и на фискалната политика како клучна економска алатка на Владата. Нашата фискална политика овозможи поддршка за повисоки плати, за повеќе вработувања и за зголемени инвестиции. Притоа, ова е постигнато со дисциплинирана фискална политика – низок буџетски дефицит (1,8% од БДП), и стабилизиран јавен долг (48,7% од БДП)“, рече министерот Тевдовски и додаде дека невработеноста за првпат од независноста е пониска од 20%. Се намали на најниски 19,4% во четвртиот квартал.