31/10/2024
Македонија

Премиерот Заев, вицепремиерот Груби, и министрите Бесими и Бочварски се сретнаа со менаџментот на „Бехтел-Енка“

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска прими делегација на меѓународниот конзорциум „Бехтел-Енка“, којашто ја предводеше претседателот на единицата за инфраструктура на компанијата „Бехтел“ Шон Кени.
 
На состанокот на кој присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП „Државни патишта“ Ејуп Рустеми, се разговараше за актуелната фаза за реализација на Меморандумот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, за делница Тетово – Гостивар – Букојчани и за проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан, како и за Коридорот 10 Д, односно за делница на автопатот Прилеп – Битола.
 
За реализација на овој Меморандум во Собранието на Република Северна Македонија беше донесен Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот, и додека трае постапката за добивање мислење од Уставниот суд, кое го побара Државната комисија за спречување на корупцијата, во интерес на времето постојат одредби од меморандумот кои овозможуваат работа и прецизирање на нацрт-договорот кој треба да биде одобрен од двете страни за да се затвори правната постапка којашто ќе овозможи реализација на предвидените инфраструктурни проекти, беше речено на оваа средба.
 
На состанокот беше споделено дека во соседна Република Албанија се при крај постапките проектните документи за патните и железничките правци од Коридорот 8 во таа земја, со што овој европски коридор ја добива својата завршна физиономија за поврзување на Црното со Јадранското Море.
 
На средбата со менаџментот на „Бехтел-Енка“ премиерот Заев го поздрави фактот за највисоките признанија за овој конзорциум во остварувањето на инфраструктурните проекти во светот и особено во регионот, како и фактот дека дури 80% од работите компанијата ги изведува со локални компании што е од посебна важност за дополнително раздвижување на домашната економија и градежниот сектор.