23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на свеченоста 40 години од постоењето на Специјална Антитерористичка Единица – Тигар

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев  имаше обраќање на свеченоста по повод одбележувањето на 40 години јубилеј од формирањето на Специјална Антитерористичка Единица – Тигар.
 
Во придружба на првиот-заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за здравство Венко Филипче, премиерот Заев положи венец свежо цвеќе на спомен обележјето на загинатите припадници на Специјална Антитерористичка Единица – Тигар, и потоа ја проследи свечената програма по повод значајна оваа годишнина.
 
Премиерот Заев, во рамки на настанот, се потпиша во спомен книгата како прв премиер на кого му е укажана таа можност, а командантот на единицата на претседателот на Владата му врачи  јубилејна плакета,
 
Во име на Владата, на командантот на САЕ-Тигар, Митко Даневски, премиерот Заев му додели благодарница за значајниот  јубилеј, и му ја врачи наградата на најдобриот припадник на Специјална Антитерористичка Единица за 2020-та година.

 
Во продолжение на ова соопштение ви пренесуваме обраќањето на премиерот во целост:
 
„Овој голем настан, со учество на највисоките претставници на Владата, на Министерството за внатрешни работи, на останатите агенции и служби од безбедносниот сектор, во присуство на високи гости од дипломатскиот кор, како и во присуство на семејствата на повеќе генерации на припадниците на Специјалната Антитерористичка Единица, е посветен токму на оваа единица.
 
Денеска Специјалната Антитерористичка Единица, популарно позната како „Тигар“, одбележува 40 години од своето постоење.
 
Тоа е сериозна годишнина достојна за прослава со сите највисоки почести бидејќи Специјалната Антитерористичка Единица денес е синоним за обученост според највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и високиот насилен криминал. Синоним за професионалност, за максимална храброст и подготвена да се спротивстави на каков и да е предизвик со кој е доведена во прашање безбедноста на земјата и граѓаните.
 
За разлика од сите досегашни јубилеи, годинава, оваа значајна годишнина е посебно брендирана со нашето полноправно членство во НАТО од што произлегуваат и заедничките безбедносни интереси со сите со земјите членки.
 
Како членка на НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот, Северна Македонија со својот адаптиран воено-безбедносен систем според стандардите на НАТО, свое значајно место има и Специјалната Антитерористичка Единица која е оспособена во борбата со насилниот екстремизам и тероризам да спроведува највисоките борбено-технички вештини.
 
Борбата против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и заштитата на националната безбедност и безбедноста на сите граѓани на нашата земја се во врвот на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, а оваа единица е еден од гарантите на овој приоритет.
 
Промените низ нејзиниот историски развој биле последица на современите безбедносни предизвици со кои се соочувало општеството, па така и последната нејзина трансформација во Специјална антитерористичка единица е производ од потребата на прилагодување на нашиот безбедносен систем кон новите предизвици за борба против глобалниот тероризам како закана на нашето време.
 
Самиот процес на нејзиното формирање, нејзиниот раст и развој од 1981 до 2021 година, од Станица на милиција за извршување специјални задачи, преку Единица за специјални задачи, до она што претставува денес, современа Специјална антитерористичка единица на земја членка на НАТО алијансата, доволно говори за трансформацијата на единицата во согласност со усовршувањето и адаптирањето на безбедносниот систем на нашата земја.
 
И внатре, во самата единица растеа и се усовршуваа критериумите и стандардите. Секој припадник на оваа единица е апсолутно свесен какви ознаки носи на својата униформа и дека таа чест и привилегија од секој нејзин припадник бара крајно високи и специфични вештини и етика.
 
Радува и фактот што овие високи критериуми и стандарди се силна мотивација за многу млади луѓе кои имаат амбиции да станат дел од оваа единица на Министерството за внатрешни работи.
 
Тој факт импонира, но и обврзува. Токму поради тоа Владата секогаш ќе го поддржува Министерството за внатрешни работи во континуитет да вложува во развојот на Единицата за постојана динамична надградба на секој нејзин дел.
 
Убеден сум дека реорганизираната и модернизирана Специјална антитерористичка единица – Тигар ќе го продолжи трасираниот четириесет годишен пат на високо мотивирана, врвно организирана и подготвена служба, која заедно со сите останати сегменти на нашиот безбедносен систем е гарант за мирот и безбедноста на граѓаните и за заштитата на уставниот поредок на државата.
 
Почитувани припадници на Специјална антитерористичка единица – Тигар, ви го честитам јубилејот.
 
Оваа свеченост и вашата единица денеска испраќаат силна порака дека Република Северна Македонија има капацитетни формации и добро подготвен и функционален систем на национална безбедност за борба против сите облици на криминал, а особено за борба против тероризмот.
 
Почитувани припадници на Специјална антитерористичка единица–Тигар, јас и Владата сме горди на вас.“