30/11/2024
Македонија

Премиерот Заев: Петтиот Симпозиум на тинк тенк од процесот 16+1 е значаен чекор во процесот на поврзување помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска ја имаше честа да го отвори петтиот Симпозиум на тинк тенк организации на НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа од процесот на соработка 16+1, чиј домаќин оваа година е Република Македонија, а е во организација на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи. 

На отворањето на Симпозиумот се обратија и Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити, заменик Претседателот на Кинеската академија на општествени науки на министерско ниво, Ванг Чингчинг, Амбасадорката и специјална претставничка на процесот на соработка 16+1 на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа, Хуо Јуџен и Директорот на Инситутот за геостратешки истражувања и надворешна политика, Абдулкадар Мемеди. 

Премиерот Заев во своето обраќање истакна:

На самиот почеток сакам да го изразам моето големо задоволство што Република Македонија ја доби честа да биде домаќин на Петтиот тинк тенк Симпозиум во рамки на процесот на соработка на Кина со земјите од Централна и Источна Европа.

Овој Симпозиум е значаен чекор во процесот на поврзување помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина и продлабочување на взаемната соработката. Oваа година ја одбележуваме 6-годишнината од соработката во Процесот 16+1, а исто така оваа година имаме значаен јубилеј, 25-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина.

Изминатиов период, Република Македонија и Народна Република Кина посветено работеа во насока на развивање на односи на пријателство и соработка и недвосмислено може да констатирам дека севкупните односи меѓу двете земји во моментов се на многу високо ниво. 

Потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Македонската академија на науките и уметностите и Кинеската академија за општествени науки во рамки на Петтиот тинк тенк Симпозиум претставува значаен придонес за развој продлабочување на соработката помеѓу двете земји.

НР Кина е земја – голем пријател и поддржувач на Република Македонија и оваа прилика сакам да ја искористам да се заблагодарам за поддршката што во континуитет НР Кина и ја пружа на Република Македонија.

Имајќи ги предвид исклучителната улога и влијание на Народна Република Кина во светската економија како и интересот за поголема соработката со земјите во Централна и Источна Европа (ЦИЕ), Република Македонија безрезервно ја поздрави и прифати Иницијативата на Кина за зајакната соработка со 16-те земји од ЦИЕ во Процесот 16+1. 

Овој процес е важен за земјите од регионот но и за цела Европска Унија бидејќи креира платформа за дискусија со Народна Република Кина и нејзината комплементарна улога при нашите заеднички заложби за поквалитетен живот на граѓаните.

Сакам да го потенцирам значењето на отворањето на Координативиот Центар за културна соработка на земјите од Процесот 16+1 во Република Македонија во март оваа година. Заложбите на овој Центар, кој е со седиште во Скопје, се во насока на реафирмирање на централната улога на културата во подобрување на меѓусебното разбирање и културниот дијалог како главен основ за поголема соработка. 

Се радуваме што во 2019 година Република Македонија ќе биде домаќин на четвртиот Министерски состанок за култура на Процесот 16+1.

Соработката на НР Кина и земјите од ЦИЕ е добра основа за дополнителни заеднички активности во многу области со цел вклопување во рамката на соработката на Кина со ЕУ т.е. за имплементација на ЕУ – Кина Стратешката агенда за соработка 2020. Република Македонија особено ја поздравува зголемената соработка во економијата и трговијата меѓу земјите членки, проширувањето на финансиската и инвестициска соработка, транспортното поврзување, проширувањето на соработката на полето на иновациите, земјоделието, заштитата на животната средина, науката и образованието, енергијата, и промовирање на меѓу културната соработка. 

Почитувани, 

За Република Македонија, а верувам и за останатите земји од ЦИЕ е значајно да се слушнат позитивните искуства и пракси, да се дискутираат решенијата, новите трендови, да се слушнат конструктивните забелешки што е важен влог кој ќе придонесе кон развој на економската соработка и социјалниот дијалог помеѓу нашите земји.

Токму затоа охрабрувам плодна дебата на овој Симпозиум на кој ќе се обратат професионалци и експерти кои работат во тинк тенк организации на повеќе области, универзитетски професори и академици од Република Македонија, од НР Кина и од земјите на ЦИЕ. Редно е да учиме едни од други, така ќе се развиваме.

За забрзување на економски развој на Република Македонија приоритет број еден претставува стабилноста на земјата, како и владеење на правото. Затоа мала национална економија како Република Македонија, се стреми да биде дел од поголем безбедносен систем. Изминатиот период Владата на Република Македонија направи значителни активности за да ги унапредиме односите со сите соседни држави, што е прв и многу значаен чекор кон интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО. 

Овој историски момент е исклучително важен бидејќи со поканата за членство на земјата во НАТО, со започнатиот процес на преговори со ЕУ и со примената на новите економски политики, перформансите на економијата започнаа значително да се подобруваат и да покажуваат стабилизација и раст. 

На крај, верувам дека би било соодветно да се цитира кинеската поговорка, во која се вели: „Патот од илјада милји започнува со еден чекор“. Процесот 16+1, како еден чекор, е платформата за Република Македонија да продолжи со продлабочување на соработката со НР Кина и земјите од ЦИЕ. НР Кина поставува нови трендови во технологијата, е-трговијата, грижата за животната средина и инфраструктурата. Дополнително, искористувањето на економските потенцијали на соработка во областа на енергетиката и инфраструктурата, продлабочувањето на културните релации, доближувањето на луѓето едни со други, соработката во образованието и културата, ќе придонесат до подобрување на животниот стандард на нашите граѓани.

Јас сум убеден дека нашите земји во иднина можат да ги постигнат таргетираните цели за економски развој. Примената на новите технологии, модернизацијата, дигитализација и ревитализацијата на производствените, индустријализацијата, професионална институционална инфраструктура, квалитетен образовен систем кој продуцира кадри според потребите на пазарот на трудот, квалитетна патничка, како и железничка и енергетска инфраструктура, се цели кои верувам дека може да ги реализираме.

Во тој дух сакам да ја охрабрам плодната дискусија денес и утре на Петтиот висок тинк тенк Симпозиум на Народна Република Кина со земјите на ЦИЕ. Мое искрено очекување е дека научните трудови, анализи, факти, насоки и правци што ќе произлезат од овој Симпозиум ќе бидат силен инпут во понатамошното креирање на идните развојни активности на Процесот за соработка 16+1 и одлични алатки кои ќе бидат од помош на извршните власти.