27/11/2024
Македонија

Заев: Како добри луѓе, кои сакаме да си помагаме, меѓусебно да си пружиме рака и заедно да се надеваме на подобра иднина на сите нас, во нашата земја

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министрите за внатрешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство Оливер Спасовски и Љупчо Николовски, денеска, присуствуваше на одбележувањето на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, во црквата „Светa Богородица“  во Осоговскиот манастир во близина на Крива Паланка. 

Обраќајќи им се на граѓаните, кои по повод празникот Пресвета Богородица традиционално, во манастирот Св. Јоаким Осоговски, доаѓаат од повеќе страни на земјата, премиерот Заев рече:

„Дозволете, после Божествената литургија, принесена како дар на Пресвета Богородица, да им го честитам на сите христијани во Република Македонија празникот – Успение на Пресвета Богородица. Ова е празник на радоста и љубовта. Колку и да изгледа чудно, што со радост и љубов го славиме успението на Богородица во Царството Божјо после нејзината смрт, дотолку повеќе се потврдува дека во димензиите на вечноста овие вредности се исто така – вечни“.

Премиерот Заев додаде дека споделувањето на овие вредности, љубовта и радоста, заедно со добрината нè упатува на помислата која многу често ја забораваме под притисокот на минливите, дневни искушенија, кои стануваат решливи доколку им приоѓаме со добрина, љубов и радост.

„На тоа нѐ повикува и овој голем празник. Како добри луѓе, кои сакаме да си помагаме, меѓусебно да си пружиме рака и заедно да се надеваме на подобра иднина на сите нас, во нашата земја“, порача премиерот Заев, честитајќи им го на верниците празникот Успение на Пресвета Богородица.