29/11/2024
Македонија

Премиерот Заев со вицепремиерот Анѓушев и министерот Тевдовски во Стопанската комора за буџетот за 2019:

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерот за финансии Драган Тевдовски денеска учествуваа на втората буџетска Конференција, во организација на Стопанската комора.

Претставниците на Владата заедно со неколку десетици претставници на бизнис заедницата во отворена дискусија разговараа за предвидувањата за макроекономската политика и проекциите во Буџетот на Република Македонија за 2019 година. Истовремено, тие изразија поддршка за проекциите на Владата на економски план и истакнаа дека се надеваат на преземените мерки кои ќе имаат рефлексија и на нивната работа и на зголемување на севкупниот стандард на граѓаните.

Премиерот Заев, потенцирајќи дека Владата на Република Македонија ги заокружува политичките чекори со цел да се завршат евроатлантските интеграциски процеси на Македонија, истакна дека идната година се очекуваа реализација на најголеми капитални инвестициски и други помали проекти.

„2019 година сакаме да  ја прогласиме за година на економијата, како што оваа година беше година на евроинтеграциите“, рече премиерот Заев, нагласувајќи дека од крајот на јануари ќе бидат донесени сите неопходни одлуки за реформите во правосудството, во безбедноста, во медиумите и во јавната администрација, кои ќе бидат во функција и на обезбедување раст на македонската економија и социјалната сигурност.

Истовремено, премиерот Заев рече дека идната година ќе биде година на солидарноста, на праведноста во општеството, што ќе се одрази и на деловната заедница преку зголемување на потрошувачката на населението во Македонија.

„Новина, од кои очекуваме ефекти е она што највеќе го бара бизнис заедницата, а тоа е да создадеме услови за  квалификувана работна сила, со употреба на повеќе механизми“, рече премиерот Заев.

Toj, објасни дека дел од мерките се однесуваат на оние активни баратели на работа и нивна обука и преквалификација, а вториот дел се однесува на новиот Закон за образование и овозможување на компаниите директно да влијаат кај ученците и преку практична настава да создаваат кадар кој подоцна ќе се најде на пазарот на трудот.

Во оваа насока беше отворена и дебата од присутните бизнисмени, кои разговараа за конкретни мерки кои ќе бидат преземени за да се реши долгогодишниот проблем со недостиг на квалификувани кадри.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, подвлече дека постојат многубројни искуства во светот, во однос на реформи во образовниот систем, особено за средношколското образование, кои се анализираат и треба да се адаптираат за потребите на македонското општество.

„Дуалното образование кое се спроведува во Германија и Австрија е урнек, по кој се водиме за адаптација на средношколското образование. За имплементација на овој тип на образование, Владата и стопанските комори треба да имаат значителна соработка. Потребно е да се направи јавно приватно партнерство помеѓу Владата и стопанството, каде што компаниите би преземале обврска да ги вработуваат учениците кои учествуваат во дуалното образование, кои всушност би извршувале практична обука уште за време на образовниот процес. На овој начин ќе имаме долгорочно решение, но резултатите би ги виделе за околу 4 години. Сепак, ние време за чекање немаме толку многу, треба да имаме акутни мерки, мерки за преквалификација. Затоа креираме мерка која ја нарекуваме ‘Шанса за сите“, преку која сите оние кои се активни баратели на работа, а немаат соодветно образование, со државна поддршка ќе се преквалификуваат во самите компании, а потоа би останале таму на работа“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот потенцираше дека макроекономските индикатори покажуваат дека економијата е раздвижена, има раст на домашните и странските инвестиции, раст на извозот, раст на обемот на производството, како и дека очекува со откочување на градежните проекти уште позасилен економски раст во периодот кој следи.

Премиерот Заев на средбата со бизнисмените најави дека на 23 ноември ќе се формира заеднички Управувачки економски комитет со Сојузна Република Германија која е најголем трговски партнер на Македонија, како иницијатива која произлезе од неодамнешната официјална средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

„Управувачкиот економски комитет што ќе го формираме има за цел Германија да испрати сериозна помош и поддршка. Ќе има и грантови и донации кои ќе стигнат од Германија, но сериозната поддршка значи и мегдан за отворање на нови пазари“, рече премиерот Заев, додавајќи дека годинава се очекува трговската размена со оваа европска држава да надмине четири милијарди евра и додаде дека од Германија ќе пристигнат двајца советници со искуства особено за дуалното образование.

Премиерот оцени дека севкупните економски трендови се добри и оти Македонија кон Германија и Грција бележи двоцифрени зголемувања на извозот во однос на увозот. 

Министерот Тевдовски потенцирајќи ја заложбата на Владата да ја води фискалната политика во функција на обезбедување раст на македонската економија нагласи дека предлог Буџетот за 2019 обезбедува повеќе пари за граѓаните.

Тој преку видео презентација се осврна на фискалната политика и Буџетот за идната година, информирајќи дека растот на Бруто домашниот производ (БДП) е проектиран на 3,2 проценти, но дека очекувањата се да се надмине 4 проценти.

„Тоа се должи на очекувања за солидна лична потрошувачка, раст на инвестициите и континуирано висок извоз, во моментов тој е со двоцифрена ставка на раст“, рече министерот Тевдовски, додавајќи дека проекцијата за БДП е во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции Светска банка, Европската комисија, како и Народната банка на Македонија.

Според Тевдовски, Буџетот за 2019 година обезбедува две важни реформи, пензиската, и тоа преку обезбедување стабилност на ПИОМ за сегашните и идни пензионери, како и праведното оданочување.

Министерот Тевдовски ги информираше стопанствениците дека Владата ќе продолжи со праксата, во однос на ДДВ-то да врши поврат на данокот на компаниите и тоа, како и досега неселективно.

„Овој Буџет е посебно фокусиран на поддршка на активните мерки за вработување преку кои ќе се работи на преквалификација, доквалификација и целосна квалификација на работната сила за да може компаниите да имаат квалификуван кадар на располагање и за тоа се обезбедени средства на највисоко ниво досега, 1,1 милијарда денари, односно двојно повеќе од 2016 година“, истакна Тевдовски.

Меѓу другото, министерот за финансии спомена дека како резултат на клучната определба на Владата за напредок на Македонија во НАТО интеграциите, се планира зголемување на Буџетот на Министерството за одбрана со цел приближување кон НАТО стандардите.

На новинарско прашање за ставката за заштитата на животната средина изјави во буџетот, премиерот Заев рече дека на утрешната владина седница за Предлог-буџетот ќе биде отворена посебна Програма за животна средина за да се адресираат сите важни прашања за животната средина, особено за загаденоста на воздухот.