29/11/2024
Македонија

Премиерот Заев ја прими Меѓународната награда за мир на Вестфалија

„Ако Договорот од Вестфалија од 1648 година беше пресвртница, бидејќи со него започна развивањето на капацитетите на Европа да живее со верските различности, Договорот за Преспа е пресвртница за нашиот регион“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на церемонијата на доделувањето на Меѓународната награда за мир на Вестфалија, која денеска му беше врачена нему и на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во Мунстер, Сојузна Република Германија.
 
Меѓународната награда за мир на Вестфалија им оддава почит на личности или претставници на држави и групи кои се особено посветени на европската интеграција и мирот во Европа.

 
Во своето обраќање на церемонијата во чест на добитниците на наградата, премиерот Заев се заблагодари и нагласи дека огромна чест и привилегија е што неговото, и името на неговиот пријател Алексис Ципрас, ќе бидат додадени на долгата листа на добитници на оваа награда, заедно со познати имиња како што се Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Валери Жискар Дестен, Кофи Анан, Хелмут Шмит, екипажите на Меѓународната вселенска станица, трите балтички држави Естонија, Латвија и Литванија и други.
 
Премиерот Заев рече дека како што Вестфалскиот договор не зборува само за мир, туку и за пријателство, така и во суштината на Договорот од Преспа лежи пријателството меѓу Република Северна Македонија и Грција содржано во Преспанскиот договор од 17 јуни 2018 година.
 
Со овој договор, рече премиерот Заев, се стави крај на спорот и долготрајната разлика што крена ѕидови, што ги отежна соседските односи меѓу Северна Македонија и Грција и ги блокираше перспективите од клучен стратешки интерес за нашата земја, за регионот и за евроатлантските структури.
 
„Иднината беше идеја водилка во текот на целиот процес. Двете страни го прифатија компромисот како пријателство и грижа за интересите на вашиот политички партнер од другата страна, како и за вашите сопствени интереси. Тоа пријателство беше важно за да се создаде атмосфера во која отворено разговаравме за сите прашања, дури и кога се чинеше дека нема решение“, нагласи Заев на церемонијата што ја пренесуваше германската државна телевизија на Северна Рајна – Вестфалија.
 
Претседателот на Владата Заев дополни дека заедно со тогашниот негов колега Ципрас избрале да најдат решение без одложување.
 
„И јас и Алексис сме целосно свесни дека ја ставивме нашата политичка кариера во ризик. Оваа цврста определба, подготвеноста да ги жртвуваме сопствените политички кариери во име на иднината не поврза и не водеше низ процесот. Избравме да оставиме решенија како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества и дојдовме до решение кога сите тврдеа дека е невозможно“, потенцираше Заев.
 
Премиерот Заев пред високите гости на церемонијата истакна дека оваа година Северна Македонија слави 30 години од својата независност и дека оваа значајна годишнина се совпаѓа со членството во НАТО како триесеттата  земја членка.
 
„Тоа беше можно поради Договорот од Преспа. Почестен сум и што имав можност да го исполнам сонот на многу генерации граѓани на Северна Македонија. Членството во НАТО беше остварување на нашата стратешка цел и е меѓу нашите најголеми достигнувања во надворешната политика. Членството во НАТО е одраз на нашиот суверен избор и сведоштво за нашата силна политичка и општествена цел да бидеме целосно интегрирани во евроатлантското семејство на нации“, рече Заев на свеченоста по повод доделувањето на Меѓународната награда за мир на Вестфалија.
 
Заев додаде дека денес Северна Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста и на регионот, и нагласи дека земјата е посветена на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економска корист и просперитет на сите граѓани.
 
„Нашата втора стратешка цел е полноправно членство во Европската унија. Ние веруваме дека за Северна Македонија не постои алтернатива за интеграција во ЕУ и ние сме се уште сме на пат кон ЕУ“, рече премиерот Заев.
 
Заблагодарувајќи се уште еднаш за одлуката да му биде доделена Меѓународната награда за мир на Вестфалија, премиерот Заев истакна дека наградата е признание, но и обврска за сите наши идни политички одлуки да бидат посветени на европските вредности и мир што немаат алтернатива.
 
Поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас во своето обраќање истакна дека Меѓународната награда за мир на Вестфалија што оваа година ја дели со премиерот Заев е награда за граѓаните на двете земји кои сега соработуваат и заеднички инвестираат во иднината на двете земји и во иднината на регионот.

Ципрас додаде дека Брисел има обврска и мора да го поддржи Договорот од Преспа целосно и да ги испорача ветувањата како што Северна Македонија ги испорача сите свои обврски поврзани со процесот за интеграцијата во ЕУ.
 
На свечената церемонија за врачување на Меѓународната награда за мир на Вестфалија во Мунстер, претседателот на Економското друштво на Вестфалија Липе д-р Рајнхард Цинкман, градоначалникот на Мунстер Маркус Леве и претседателот на Латвија Егилс Левиц во име на претходните добитници на наградата, земјите Латвија, Естонија и Литванија, истакнаа дека Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа нешто што никој претходно не успеа и со историскиот Договор од Преспа надминаа долгогодишна криза и поставија основи за долгорочни пријателски врски меѓу двете земји и сигурност во регионот.


Премиерот Заев ја прими Меѓународната награда за мир на Вестфалија: Наградата е признание, но и обврска за сите наши идни политички одлуки да бидат посветени на европските вредности и мирот

На свечена церемонија во Мунстер, Сојузна Република Германија, денеска на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и на поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, им беше врачена Меѓународната награда за мир на Вестфалија која се доделува за значаен придонес за европската интеграција и мирот во Европа.

Во прилог на ова соопштение во го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев на церемонијата на доделувањето на наградата во целост:

„Огромна чест и привилегија е да ја добијам Меѓународна награда за мир на Вестфалија за 2020 година.

Голема чест е што моето, и името на мојот пријател Алексис Ципрас, ќе бидат додадени на долгата листа на добитници на оваа награда, заедно со познати имиња како што се Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Валери Жискар Дестен, Кофи Анан, Хелмут Шмит, екипажите на Меѓународната вселенска станица, трите балтички држави Латвија, Естонија, и Литванија и други.

Бидејќи меѓународната награда за мир на Вестфалија им оддава почит на личности или претставници на држави и групи кои се особено посветени на европската интеграција и мирот во Европа, сакам со сите вас да ја споделам приказната за две земји посветени на Европа и на мирот. 

Во еден од најубавите пејзажи во Европа, во недопрената природа на Преспанското Езеро, каде што се среќаваат границите на Северна Македонија, Албанија и Грција, на 17 јуни 2018 година, го потпишавме историскиот – Преспански договор.

Ако Договорот од Вестфалија од 1648 година беше пресвртница , бидејќи со него се развива капацитетот на Европа да се живее со верските различности, Договорот за Преспа е пресвртница за нашиот регион. 

Всушност, дури и првиот член на Вестфалскиот договор не зборува буквално за мир, туку за пријателство – „вистинско и искрено пријателство“ помеѓу неговите потписници. Тоа е и суштината на Договорот од Преспа – пријателството!  

Со овој договор, ставивме крај на спорот и долготрајната разлика што крена ѕидови, што ги отежна соседските односи меѓу Северна Македонија и Грција.

Прашањето беше отворено три децении. Поминавме три децении несигурност за нашата иднина. Три децении сериозна грижа за несакани последици. Три децении блокирани перспективи кои се од клучен стратешки интерес за нашата земја, за регионот и евроатлантските структури.

Иднината беше идеја водилка во текот на целиот процес.

Двете страни го прифатија компромисот како пријателство и грижа за интересите на вашиот политички партнер од другата страна, како и за вашите сопствени интереси.

Тоа пријателство беше важно за да се создаде атмосфера во која отворено разговаравме за сите прашања, дури и кога се чинеше дека нема решение.

Во текот на целиот процес, ние инсистиравме дека не зборуваме за црвени линии. Си кажавме дека црвените линии се ограничувачки.

Црвените линии ве ставаат во кутија. Рековме – ние нема да го ставиме процесот во кутијата.

Тоа е начинот на кој работат пријателите. Фокусирани на решенија. Градење мостови, а не ѕидови!

Што се предизвиците ако не и шанса за решенија! Ако не ги гледате предизвиците како можности за креативни решенија, како чекори кон остварување на нашата визија.

Затоа Алексис и јас избравме да најдеме решение без одложување. Кој е доблесен? Оној што едноставно го продолжува проблемот, или оној што прифаќа да го реши истиот?

И јас и Алексис сме целосно свесни дека ја ставивме нашата политичка кариера во ризик.

Оваа цврста определба, подготвеноста да ги жртвуваме сопствените политички кариери во име на иднината не поврза и не водеше низ процесот.

Кога ќе видите од другата страна на масата за преговори личност која е фокусирана на решенија, личност со која ги делите истите политички вредности, тогаш ги имате сите потребни состојки за пријателски односи и атмосфера за да постигнете взаемно прифатливо решение за проблемот.

Уште поважно, овој вид на поврзаност мотивира, се претвора во пријателство. И двајцата го вградивме ова пријателство во темелите на новиот однос помеѓу нашите земји. Тоа е најскапоцената придобивка.

Избравме да оставиме решенија како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества. Пример за лидерство на Европа!

Дојдовме до решение кога сите тврдеа дека е невозможно!

Оваа година Северна Македонија слави 30 години од својата независност и јас сум среќен да кажам дека во нашата триесетта годишнина, ние сме триесеттата  членка на НАТО.

Тоа беше можно поради Договорот од Преспа. 

Почестен сум и што имав можност да го исполнам сонот на многу генерации граѓани на Северна Македонија.

Членството во НАТО беше остварување на нашата стратешка цел и е меѓу нашите најголеми достигнувања во надворешната политика. Членството во НАТО е одраз на нашиот суверен избор и сведоштво за нашата силна политичка и општествена цел да бидеме целосно интегрирани во евроатлантското семејство на нации.

Денес, Северна Македонија ја подобри безбедноста и стабилноста а следствено стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан. Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економска корист и просперитет на сите граѓани.

Нашата втора стратешка цел е полноправно членство во Европската унија.

Ние веруваме дека за Северна Македонија не постои алтернатива за интеграција во ЕУ и ние сме се уште сме на пат кон ЕУ!

Евроатлантската иднина е поттик за економски раст: стимул за инвестиции, повеќе трговија, пристап до единствениот пазар на ЕУ, зголемена мобилност на луѓе, стоки и капитал, пониски кредитни стапки. Тоа ќе ни помогне да создадеме повеќе работни места и да спречиме одлив на мозоци а со тоа и ќе ги задржиме младите дома.

Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наш заеднички приоритет и стратешка цел и продолжуваме да работиме кон остварување на нашите амбиции за интеграција во ЕУ.

Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економска корист и просперитет на сите граѓани.

Сега е време да се обединиме околу фактот дека историјата е важен дел од нашите идентитети, но визијата за иднината има посебно место во нашите срца.

Конечно, уште еднаш ја искажувам својата длабока благодарност за Меѓународната награда за мир на Вестфалија.

Оваа награда е истовремено признание, но и обврска за сите наши идни политички одлуки да бидат посветени на европските вредности и мир што немаат алтернатива.

Ви благодарам!