03/12/2024
Македонија

Премиерот Ковачевски ќе учествува и ќе се обрати на Самитот за трансформација на образованието на ООН во Њујорк

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со владината делегација во состав на министерот за надворешни работи Османи, министерот за образование и наука Шаќири, шефот на Мисијата на Република Северна Македонија при ООН Фрчковски и советникот за надворешни работи на претседателот на Владата Адеми, денеска, на 19 септември, во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк, ќе присуствуваат на официјалното отворање на Самитот за трансформација на образованието.

Овој самит кој се одржува во рамките на Генералното Собрание на Обединетите Нации во Њујорк е под покровителство на генералниот секретар на ООН Гутереш и на УНЕСКО. Самитот на кој ќе се дебатира на тема унапредување на образовните системи во земјите преку трансформативни реформски процеси, ќе започне со обраќање на генералниот секретар на Организацијата на Обединети Нации, Гутереш.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски ќе се обрати на Самитот за трансформација на образованието, во 16:00 часот по локално време (22:00 часот по македонско време). Во обраќањето, премиерот Ковачевски ќе се осврне на заложбите на Република Северна Македонија, но и конкретните чекори преземени во насока на трансформација на образованието на државно ниво, а со цел обезбедување квалитетно и достапно образование за сите.

Обраќањето може да го проследите на следниот линк:

Линк до видео од обраќањето на премиерот Ковачевски на Сесијата за трансформација на образованието во ОН во Њујорк на македонски јазик

Линк до видео од обраќањето на премиерот Ковачевски на Сесијата за трансформација на образованието во ОН во Њујорк на англиски јазик

Како дел од официјалната посета на САД и учеството на Генералното Собрание, премиерот Ковачевски до крајот на неделата ќе учествува и ќе говори на Состанокот по повод 30 годишнината од донесувањето и усвојувањето на Декларацијата за правата на малцинствата, како и на главната дебата на 77-то Генерално Собрание на Организацијата на Обединетите Нации.