31/10/2024
Македонија

Претседателот Пендаровски се обрати на презентацијата на Извештајот за човековиот развој на УНДП

Претседателот Стево Пендаровски денеска беше домаќин на презентацијата на Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), насловен како „Неизвесни времиња, несигурни животи, обликување на нашата иднина во светот што се менува“.

Осврнувајќи се на негативните тенденции кои преовладуваат како резултат на низа надворешни влијанија и внатрешни фактори, претседателот Пендаровски истакна дека извештајот на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој, односно дека може да биде патоказ во овие несигурни времиња

„За да ја постигнеме целта: повисоко ниво на човечки развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи: прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија, и трето и најважно, политичка волја да ги направиме неопходните промени. Индексот на УНДП нè соочува со реалноста. Развојните стратешки документи ни ги даваат решенијата. Започнатите преговори за членство во Европската унија значат дополнителен мотив за суштински реформи“, рече претседателот во обраќањето.

На настанот се обрати и постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, Армен Григорјан, а извештајот беше презентиран од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Почитуван Григорјан,

Почитувани министри,

Ценети екселенции,

Драги пријатели,

Чест ми е да бидам домаќин на презентацијата на Индексот за човеков развој на Северна Македонија за 2022 година. Познато е дека ако сакаме точна слика за состојбите во државата, не е доволно да ги мериме само продуктивноста, приходите и профитот, туку и здравјето, образованието и животниот стандард на граѓаните. Овој индекс нè потсетува дека вистинска цел на развојните политики мора да биде добробитта на луѓето.

Последен пат тука се собравме пред три години. За жал, состојбите во меѓувреме не се променети на подобро. Економската и енергетската криза што беа предизвикани од пандемијата, а продлабочени од руската агресија врз Украина доведоа до ценовни шокови и пораст на животните трошоци во најголемиот дел од Европа и светот. Практично, поништени се неколку години од развојот и се уште не е можно да се процени колку време ќе ни треба за да го надоместиме изгубеното. Неодамна и референтниот Виенски институт за меѓународни економски студии предвиде дека најтешкото допрва доаѓа за овој дел од Европа.

Ние сме особено ранливи на овие процеси. Половина од земјите во регионот на Југоисточна Европа се со многу висок човеков развој, а другата половина се со висок човеков развој. Ние сме на дното на втората група.

Тоа не треба да нè изненадува ако имаме во предвид дека во здравствениот сегмент сме високо рангирани во однос на смртноста од КОВИД-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем,а имаме слаби резултати и во рамки на тестирањето за ПИСА спроведено од ОЕЦД. Ниско сме рангирани и во однос на медиумската присменост. На пример, Финска, која е најдобро рангирана европска земја, има пет пати повеќе бодови за медиумска писменост од нас. Јасно е дека без соодветна здравствена заштита, квалитетно образование и медиумска писменост, тешко е да се очекува висок животен стандард.

Голем дел од причините за овие состојби се екстерни и едноставно не зависат од нас. Климатските промени, геополитичките тензии, економските, енергетските и здравствените кризи се глобални потреси кои го забавуваат прогресот.

Но, освен надворешните влијанија, нашиот развој нема задоволително темпо и како последица на низа внатрешни фактори. Сведочиме на долгата, децениска историја на започнати, а незавршени реформи, како и на корупцијата, клиентелизмот и сивата економија што ја еродираат довербата на граѓаните во институциите. Безмалку секоја власт од независноста до денес наследуваше и оставаше системски слабости кои се таложеа.

Овој извештај не треба да биде предмет на дневно-политички толкувања,затоа што секоја генерација политички лидерства носи поголем или помал дел од одговорноста за овие состојби. Не треба да зачудува што во таков контекст, постојат сите предуслови за пораст на европесимизмот, популизмот и авторитарните тенденции.

Ценети присутни,

Извештајот потврдува уште една загрижувачка тенденција. Иако јазот на нееднаквоста се стеснува меѓу државите, тој за жал, се шири, внатре, во самите држави. Вообичаено, највисоката цена ја плаќаат најсиромашните, кои се најранливи во кризни времиња. Според Иан Голдин, професор за глобализација и развој на Оксфорд, генерално говорејќи, нееднаквоста го забавува растот, го поларизира општеството, го зголемува гневот кај луѓето, а со тоа и ризикот од социјални немири, ги парализира политичките процеси и води до раширена перцепција за безизлезност.

Но, граѓаните не даваат мандат само за констатирање на проблемите, туку, пред се, за нудење на излезни решенија. Именувајќи ги нештата со вистинското име, овој извештај може да биде патоказ во овие несигурни времиња. Индексот на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој.

Почитувани присутни,

Пред точно половина година на ова исто место ја промовиравме Рамката за развој МКД2030 како долгорочна визија за развојот и иднината на Северна Македонија. Низ широк консултативен процес беа утврдени четири приоритети со 166 конкретни препораки, групирани во 24 области за кои верувам дека можат суштински да придонесат за подобрување  на трите димензии на човековиот развој.

На пример, долгиот и здрав живот директно зависи од квалитетот на животната средина, особено воздухот, што е дел од приоритетите за заштита на животната средина и редефинираната енергетска политика подалеку од фосилните горива.

Образовната димензија ја адресираме во приоритетот посветен на младите и инклузивниот развој. Освен тоа, потребни се современи културни политики, промоција и заштита на човековите права и вложување во медиумската писменост што е предуслов за разликување на вистината од лагата.

Патот до квалитетен животен стандард како трета димензија на човечкиот развој, нужно оди преку забрзан економски раст што подразбира повисока продуктивност и конкурентност во економијата, масивно вложување во иновации и технолошки развој, домашни и странски инвестиции, намалување на сивата економија и формирање на флексибилен пазар на трудот.

А, претпоставка за реализација на секој од приоритетите е дигиталната трансформација на економијата и дигитализацијата на јавните услуги.

Како што најавивме, МКД2030 ќе биде вградена во деталната Национална стратегија за развој 2022-2042 што ја изработува Владата. На тој начин, овие документи ќе бидат гаранција за континуитетот на секторските политики, независно од идните промени на политичките гарнитури на власт.

Драги пријатели,

За да ја постигнеме целта: повисоко ниво на човечки развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи: прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија, и трето и најважно, политичка волја да ги направиме неопходните промени. Индексот на УНДП нè соочува со реалноста. Развојните стратешки документи ни ги даваат решенијата. Започнатите преговори за членство во Европската унија значат дополнителен мотив за суштински реформи.

Европската интеграција има уникатен потенцијал да биде катализатор за длабока трансформација на сите слоеви на општеството, далеку подобри параметри во областа на владеење на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите. Иако товарот на најголемиот дел од обврските лежи врз нас, се разбира, дека и Европската Унија има обврска да биде далеку поактивно вклучена во овој процес.

Почитувани,

Независно што заедно со остатокот на Европа и светот минуваме низ период на голема неизвесност, мораме да ги удвоиме националните напори за посилен економски и општествен развој, за поголема доверба на граѓаните во институциите и драстично помало иселување на младите. Крајната цел е да изградиме општество со еднакви шанси за успех за сите негови членови.

Ви благодарам.