30/11/2024
Македонија

Состанок на Заев и Светска банка: Мерките на Владата ги ублажија последиците, на долг рок фокус кон забрзан економски раст

Владините мерки за поддршка на реалниот сектор како и заложбите за помош на најранливите категории во услови на здравствено-економска криза со фокус на идните заложби за стимулирање на националната економија на долг рок, беа тема на онлајн состанокот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министрите за финансии Фатмир Бесими и за економија Крешник Бектеши со Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово и Кун Давидсe, извршен директор во Одборот на директори на Групацијата Светска банка во Вашингтон.

На состанокот во фокус беше дискусијата за важноста на анализата заснована врз реални истражувања за информирање на одлуките за политиките кон кои треба да се насочат владините активности со крајна цел продолжување и одржување на правичен и одржлив раст.

Премиерот Заев ја истакна посветеноста на Владата за справување со предизвиците на краток како и обезбедување на услови за побрзо економско опоравување на среден и долг рок, притоа потенцирајќи на  важноста од соработка со Светска банка како стратешки партнер, кој обезбедува голема поддршка за државата.

На состанокот од страна на Светска банка беше нотирано дека владините мерки ги ублажија негативните ефекти од кризата и беше нагласено дека заедничката соработка во однос на предлог мерките согласно светските искуства и преземената акција особено во делот на субвенционирање на платите резултираа со зачувување на работните места во микро, малите и средните претпријатија. Дополнително, мерките донесени од Владата го олеснија влијанието врз сиромашните, што беше и потврдено со пониски стапки на раст на сиромаштијата од очекуваните.

На состанокот се истакна важноста домашните компании да ја подобрат конкурентноста и продуктивноста за постигнување посилен економски раст во иднина. Во таа насока, поддршката за компаниите треба да биде насочена кон дигитализацијата, технолошки развој, подобрување на капацитетите за управување, поддршка на диверзификација на извозот, како и спроведувањето на европскиот зелен договор. Дополнително, регионалниот развој е од голема важност за економски напредок, како и зајакнување на женското претприемништво.

Исто така, на состанокот се разговараше за важноста на одржливи инвестиции во образованието и човечкиот капитал, поттикнување на иновативноста за отворање на нови работни места и инвестиции. Конечно, на дискусијата се истакна дека за натамошен развој  и унапредување на деловниот амбиент од особена важност е привлекувањето и задржување на инвестиции со поголема додадена вредност, подобрување на пристапот до финансии, како и намалување на конкуренција од неформален сектор и сузбивање на корупцијата.